Италијанскиот претседател Серџо Матарела побара да разговара денеска попладне со поранешниот шеф на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги за состав на новата влада, соопшти претседателскиот кабинет.

Претходно, Матарела објави неуспех во обидите за формирање нова коалициска влада.

Поканата до Драги веројатно значи дека ќе му биде понудено да формира влада на национално единство за да ја продолжи борбата против коровирусот и економската криза.

Наречен „Супер Марио“, 73-годишниот Драги во голема мерка е заслужен за спасување на еврозоната од работ на колапс во 2012 година, кога вети дека „ќе стори сé што е потребно“ за да ја спаси единствената европска валута. Тој генерално исчезна од очите на јавноста по завршувањето на неговиот мандат како претседател на ЕЦБ во октомври 2019 година. Во последните недели, сепак, се зборуваше за него како можен премиер, имајќи ги предвид здравствените, економски и политички пресврти низ кои минува Италија.

Драги сè уште не ја коментирал поканата на претседателот Матарела и не е познато кои партии во Парламентот би ја поддржале неговата влада.