Новиот претседател на германската владеачка Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и можен иден канцелар, Армин Лашет, денеска изјави дека Германија не смее да се откаже од проектот за гасоводот „Северен тек 2“ заради апсењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални.

-Германија во следниот период го напушта снабдувањето со атомска енергија и енергијата добиена од јаглен и затоа за перидиот на транзиција и треба гасот, што го нема, изјави денеска Лашет, пренесоа британските медиуми.

Новиот шеф на ЦДУ смета дека случајот Навални не треба да биде поврзан со приватниот економски проект „Северен тек 2“ и предупреди на штетноста на „симболичката политика“.

-Мислам дека тоа е дно на политичката култура кога место трезвена дискусија за некој проблем тие се обидуваат да наметнат клишеа, рече Лашет.

Тој ги отфрли критиките дека е симпатизер на Русија и истакна дека го критикувал и дополнително го критикува апсењето на Навални, како и војната во Украина.

Лашет потсети дека Русија и претходно Советскиот сојуз веќе 50 години извезуваат гас во Германија и притоа одговори и на критиките на Вашингтон за „Северен тек 2“ изјавувајќи дека САД, исто така, купуваат нафта од Русија и „другите земји кои не спаѓаат во светлите примери кога станува збор до слободите и правата на човекот”.