Србија ќе инвестира колку што е потребно за да започне домашно производство на руската вакцина Спутник V до крајот на годината, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за Ројтерс.

Вучиќ изјави дека постигнал „првичен договор“ со рускиот претседател Владимир Путин.

Тим руски експерти се очекува да ја посети Србија следната недела за да разговара за локалното производство на Спутник V до крајот на годината.

Вучиќ рече дека постигнал првичен договор со шефот на руската држава Владимир Путин за покренување постапка што тој ја опиша како „комплицирана и тешка“.

Според Вучиќ, целта на Србија не е само производство на Спутник V за свои потреби, туку и извоз во земјите од регионот.

„Во моментов, ние немаме (производствени) капацитети (за Спутник V), но ќе ги изградиме. Не е важно колку ќе чини, ние ќе инвестираме“, рече Вучиќ.

Ројтерс наведува дека Србија, со над 530 000 вакцинирани или околу 7,5 проценти од вкупното население, на глобално ниво ја држи четвртата највисока стапка на имунизација на 100 лица, по Израел, Велика Британија и САД.

Како дел од државната кампања за вакцинирање, српските граѓани во моментов можат да избираат помеѓу вакцините од Pfizer Inc-BioNTech, кинески Sinopharm или руски Sputnik V во националниот е-систем на Министерството за здравство.