СВР Битола на 08.02.2021 до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против: М. В. (33) од Битола, поради постоење на сомнение за сторено кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување по чл. 353 од КЗ на РСМ и “Фалсификување службена исправа“ по чл. 361 ст.1 и 2, Г.Ч. (60) од Битола поради постоење на сомнение за сторено кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување по чл. 353 од КЗ на РСМ, А. В (33) од Белград, Р.Србијa, сопруга на првопријавениот, заради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело “Надрилекарство“ по чл. 209 и кривично дело “Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ по чл. 206 од КЗ на РМ.
Првопријавениот и второпријавениот како доктори гинеколози во ЈЗУ Клиничка болница- Битола пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста и овозможиле на третопријавената на 01.01.2020 без соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора на РСМ, да даде медицинска помош- изврши оперативна интервенција, породување со царски рез во ЈЗУ Клиничка болница Битола – операциона сала на Одделение за гинекологија и акушерство врз родилка.
По завршувањето на интервенцијата, првопријавениот во оперативниот дневник внел невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на второпријавениот, а од стариот оперативен дневник отстранил страници на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции на 01.01.2021 година.
Ова е полицискиот речник за настанот. Инаку станува збор з атоа дека двајца лекари гинеколози се суспендирани на битолската Гинекологија откако едниот од нив ја повикал својата сопруга која инаку е странски државјанин и невработен гинеколог да учествува во изршување на породување со царски рез на една жена. Извори за „Независен“ велат дека еден од гинеколозите за време на породувањето ја внесол својата сопруга и целата работа со породувањето и ја оставила на неа. Овој скандал според информациите на „Независен“ се случил во почетокот на јануари, оваа година.
По скандалот кој го стресе одделението за гинекоголија на Битолската болница, еден од вработените во таа болница го пријавил случајот во полицијата.
Еден од суспендираните гинеколози е Гоце Чакаровски, поранешен заменик-министер за здравство и национален координатор за здравство во владата на Зоран Заев. Тој за „Независен“ потврдил дека е суспендиран, но не ги изнел деталите.
Инаку, породувањето на крај било успешно и затоа роднините на родилката не изреагирале на овој скандал.