Компанијата „Фајзер“ е многу внимателна да не дојде до скандал, и се додека не се осигураат дека тој ладен синџир на транспорт ќе биде овозможен, нема да дозволат Србија да нѝ ги донира вакцините, смета д-р Ненад Лазаров, кој вечерва гостуваше на ТВ 24.

Според него, Македонија многу доцна се вклучила во процесот на набавка на вакцините.

-Требаше многу порано и поагресивно да се набават вакцините и друго е катастрофалната грешка што со резерва ја земеме руската и кинеската вакцина, рече тој.

Лазаров вели дека има комплексни грешки и секогаш доцниме, и тоа ќе се одрази на здравјето и економијата.

-Во овој момент, Македонија е далеку од вакцините, иако се најавуваат дека штотуку не стигнале. Пример за тоа е денешниот скандал или трагикомичен настан со вакцините кои власта ги вети како помош од Србија, а сепак не ги доби, рече Лазаров.

Вели дека грешки се направиле и со новиот сој на вирусот кој произлезе од Британија.

-Не може за новиот вид на вирус кој е забележан во Британија, а сега и кај нас, да алармираме јас и моите колеги како матични лекари кои секојдневно водиме борба со оваа пандемија. Има стручни лица кои тоа треба да го соопштат на јавноста и прецизно да објаснат со што се соочува здравството и целата земја, а не да се релативизираат работите, истакна Лазаров.

Смета дека граѓаните заслужуваат заштита и државата е должна да им ја овозможи со вакцини, но ако вака се продолжи, народот попрво ќе стекне колективен имунитет.