Заклучно со 30 јули, во државата се потврдени вкупно 13 случаи на западнонилска треска. Од нив, 10 пациенти се хоспитализирани на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, а тројца се наоѓаат во критична здравствена состојба, соопшти денеска Министерството за здравство.

Поради актуелната епидемиолошка состојба и врз основа на стручната проценка на ризик, Министерството за здравство го задолжи Центарот за јавно здравје–Скопје да спроведе дополнителна терестичка, односно земјена адултицидна дезинсекција против комарци.

Вонредниот третман е спроведен во текот на ноќта како дополнителна превентивна мерка за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата.

Од Министерството за здравство информираат дека заедно со Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје и здравствените установи остануваат во постојана координација и навремено ќе ја информираат јавноста за сите нови сознанија и преземени активности.