На 54 годишна возраст минатата недела ненадејно почина познатиот родољуб и голем промотор на Македонија во Словенија, Бобан Пијанманов. Во присуство на потесното семејство беше погребан на гратските гробишта во Словенске Коњице, каде што живеесе 27 години.
Бобан Пијанманов е роден 1967 год. во Струмица и како млад доаѓа во Словенија да студира на Факултетот за текстилна технологија во Марибор. Како студент ја запознава и љубовта на својот живот Невенка, со која ги има синот Жан и ќерката Жива Дони со кои живее во родниот град на жена му, Словенске Коњице.
Таму отвора приватна фирма за компјутерски интернетни страни “МАКБОП”. Паралелно со информатиката, непомирливиот патриот никако не ја пресекува папочната врвца со својата матична татковина Македонија. Поврзаноста со татковината ја остварува преку континуираниот ангажман и активирање во културно уметничките и општествени друштва, здруженија и другите облици на организирање и артикулирање на етничката припадност.
Како горд Македонец и лојален словенечки државјанин активно ја претставуваше македонската етничка заедница и ги поддржуваше Словенија и Македонија во 90 тите години, на патот кон нивната самостојност и независност.
Бобан Пијанманов беше еден од оснивачите на македонските културни друштва во Словенија, како и на македонската црковна заедница. Активно учествувше во формирањето на Македонското културно друштво “Биљана” во Марибор, чиј претседател беше последните два мандата.
Под неговото водство МКД “Биљана” успешно ја промовира македонската култура и фолклор во Штаерскиот регион од Словенија и е вклучен во сите активности и манифестации за Македонија.
Бобан Пијанманов беше член во претседателството и потпретседател на Сојузот на македонските културни друштва во Словенија.
Како член на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ десет години беше претседател на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Марибор и Штаерскиот регион. Последниве неколку години активен беше и во Европското координативно тело на Македонците.
Неговата пожртвуваност и активизам околу актуелните македонски збиднувања беа неизмерни и без никакви осцилации и колебања. Секогаш знаеше гласно да го каже својот став и по настаните од 2017 год. што резултираа со промена на името, јасно се дистанцираше од официјалните политики на сите политички партии во Македонија. Бескомпромисно се спротивставуваше на бирократските одлуки и агенди на претставниците од ЕУ одговорни за Македонија, бранејќи го македонизмот и честопати со нив влегувајки во директна конфронтација на социјалните мрежи.
Беше со изразен македонски, јужњачки темперамент, полн со живот и планови за иднината. Иднина, која секогаш беше некако поврзана со Македонија. Неизмерно ќе ни недостасува на патот кон остварување на македонските правдини, како што во последно време знаеше да каже, оти на Бобан покрај семејството најголема љубов, но и болка во животот му беше Македонија.