Ракометниот клуб ГОГ Гудме, високо рангиран тим од државата на светскиот ракометен првак Данска, вечер гостува во Битола каде силите ќе ги одмери со македонскиот вицешампион РК Еурофарм Пелистер.

Во тимот на гостите настапуваат четворица репрезентативци од неодамнешното светско првенство што се одржа во Египет, и тоа за нас е дополнителен предизвик, изјави пред вечерашната средба, тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ.

– Минатата недела остваривме големи победи и тие се важни за позицијата и можноста да ја минеме групата, што би бил историски успех за клубот и за македонскиот ракомет. ГОГ Гудме во својот ростер има четири светски прваци и тоа говори за нивната снага како тим. Мора да веруваме дека можеме да го победиме ГОГ Гудме. Веруваме дека можеме да им се спротивставиме на гостите од Данска и натпреварот да заврши во наша полза. Фактори за успех на вечерашниот натпревар ќе бидат волјата и фанатична верба во себе и во тимот. Ако ги имаме тие работи, имаме шанси за позитивен исход. Направивме големи чекори кон осминафиналето, натпреварот доаѓа во вистински момент и верувам дека ќе победиме, истакна Бабиќ.

На првата средба што есеноска се одигра во Данска, домашните славеа тесно со 30:29, а во досегашниот тек од натпреварите од групата „Д“ во рамки на Европската ракометна лига, битолчани освоија седум, а гостите осум бодови.

Дуелот меѓу второ и третопласираната екипа на табелата почнува во 20:45 часот.