Дваесет апликации се доставени за учество на тендерот за доизградба на првите две делници од пругата кон Бугарија, што го објави Европската банка за обнова и развој. Осум од апликациите се за првата делница Куманово-Бељаковце, а 12 за втората, Бељаковце-Крива Паланка. Станува збор за меѓународни конзорциуми, изјави за МИА Хари Локвенец, директор на Македонски железници Инфраструктура.
Во тек е евалуација на доставената документација, по што се очекува кон крајот на месецов да се финализира листата со учесниците кои ги исполнуваат условите и ќе можат да учествуваат во втората фаза на тендерот со доставување финална понуда. Периодот за доставување на финалната понуда ќе трае три месеци, по што ќе следи изборот на изведувачот и стартот на работите, што, според проценките на раководството на МЖ Инфраструктура, се очекува да биде на почетокот на втората половина од годинава.
На првата делница во должина од 31 километар се завршени 54 проценти од градежните работи, кои беа прекинати откако германски „Вибе“ еднострано го раскина Договорот за изведба. Втората делница е долга 34 километри. И за двете делници е заокружена финансиската конструкција, а за третата, од Крива Паланка до границата со Бугарија која е во должина од 24 километри, досега се обезбедени 60 милиони евра и се работи на обезбедување на останатите потребни финансии.
Предвидено е првата и втората фаза заедно да се реализираат во рок од 36 месеци.
Бугарската министерка за надворешни работи вели дека е незамисливо во 21 век меѓу двете земји да нема железничка пруга.
-Коридорот 8 не е важен само за Бугарија, тој е важен и за вас. Вашиот бизнис ќе има корист од него. Многу сигнали од бугарски компании, што сакаат да создаваат работни места и да инвестираат во вашата земја, за тоа дека им се прават административни пречки за да го развиваат својот бизнис, Захариева, додвајќи дека владите треба да работат на поврзување на бизнисите и на образовните и културни институции на двете земји.
Оваа пруга, како што е познато, се гради веќе со децении. „Возот тргнувал“ во повеќе наврати, но досега изградбата не е стигната доникаде. Според политичките потреби, и за политичко-партиски маркетинг, изградбата тргнува и застанува.