Председателот Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини заедно со членовите на Управниот одбор (УО) убаво си се почестиле со по 20.000 евра премија за пласманот на македонската фудбалска репрезентација на Евро 2021, пишува Спорт1.мк.
Вкупно 300.000 евра ќе чини луксузната награда за Сејдини и компанија (УО брои 15 члена), кои сами си се почестиле за историскиот пласман на ЕП, па секој член ќе добие по 20.000 евра што е за нијанса помалку од тоа што на пример дел од фудбалерите, кои беа само резерви и не играа на еден од двата баражи за пласман, го добија како дел од колачот од премијата вредна 3,2 милиони евра.
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев, пред два дена откако ѝ објави војна на ФФМ, посочи дека луѓето во федерацијата работат само за лични интереси.
„Доста се криевте зад резултатите на репрезентацијата, сигурно паметот уште ви е во огромните премии што ги поделивте на наш грб, на грбот на репрезентацијата, што гиневме за македонскиот дрес“, објави меѓудругото Пандев во обраќањето.
Ова е само уште еден доказ за луксузирањето и неверојатните привилегии кои УО на ФФМ ги ужива, покрај веќе покачениот паушал за една седница месечно од скоро 500 евра, постојаните патувања и службени дневници, дневници за низ земјава, платен телефон…. Даниел Божиновски, Мартин Богатинов, Ферхан Хасани, Кристијан Тошевски, Енур Тотре добија 25.000 евра премија за пласманот, како фудбалери кои биле резерва барем на еден меч, а сега како многу заслужни за пласманот.
Македонија за пласманот на Евро 2021 доби премија од 9,25 милиони евра од УЕФА.