Остра осуда на навредите што навивач му ги упати на фудбалерот на Милан, Златан Ибрахимовиќ, изрази денеска српскиот фудбалски првак Црвена ѕвезда, најавувајќи тесна соработка со полицијата за пронаоѓање на, како што соопшти, „примитивецот, кој фрли дамка врз традиционалното српско гостопримство“.

Инцидентот се случи на трибините на белградскиот стадион „Маракана“ за време на вчерашниот прв натпревар од шеснаесетфиналето во Лига Европа, меѓу Црвена ѕвезда и Милан (2:2).

Натпреварот се одигра без публика, а во новинарската ложа седеа десетина луѓе, при што за време на второто полувреме еден од присутните со навредливи зборови на национална основа му се обрати на шведскиот фудбалер со босанско потекло, кој беше резервен играч и мечот го проследи од трибините.

„Црвена ѕвезда најискрено му се извинува на Златан Ибрахимовиќ поради непријатностите што ги доживеа во нашиот дом. Нашиот клуб, според старите српски обичаи, отсекогаш бил добар домаќин. Тоа е познато во цела Европа и така и ќе остане во иднина, бидејќи вакви инциденти никогаш нема да толерираме, соопшти српскиот клуб.