Ширењето на птичјиот грип го погоди снабдувањето со јајца во Полска поради загубата на кокошки несилки, а болеста предизвика проблеми и кај другите големи производители во Европа, поттикнувајќи го зголемувањето на цените.
Болеста е откриена во неколку европски земји и десеткуваше јата, предизвикувајќи големи загуби на земјоделците веќе притиснати од корона-кризата, пренесува Хина.
Азија, исто така, бележи епидемија на многу заразениот Х5Н8 сој, додека секторот сточарство се опоравува од епидемијата на африканска свинска чума.
Русија минатиот викенд објави дека по првпат забележала случај на пренесување на вирусот на птичјиот грип А (Х5Н8) на луѓе. Седум работници на живинарска фарма се заразени, што предизвикува загриженост дека вирусот може да мутира во болест, која ќе се пренесува од човек на човек.
Болеста обично започнува да се шири на есен и се пренесува со миграциите на диви птици од Азија во Европа.
– Бројот на жаришта се зголеми посилно отколку во тешките години, рече Моник Елоит, шефица на Светската организација за здравје на животните (ОИЕ).
Во Полска, голем производител на живина во ЕУ, околу пет милиони птици се веќе усмртени, според податоците од државната ветеринарна инспекција.
Вкупната бројка претставува само мал дел од јатото во ЕУ и сè уште нема знаци на недостиг на пилешко. Според статистичките податоци на Агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), во 27 земји-членки на ЕУ во 2019 година биле заклани 6,4 милијарди кокошки за потребите на производството на месо.
Губењето на кокошки несилки, сепак, го намали снабдувањето со јајца и ги зголеми цените.
Големопродажната цена на јајцата во Полска се зголеми за 18 до 20 проценти на крајот на јануари, изјави Катарзина Гавронска, директорка на Националната комора на производители на живина и сточна храна.
Податоците објавени од Европската комисија покажуваат дека цените на јајцата растат и во другите земји на ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Германија, додека во Шпанија, исто така голем производител, тие се уште се ниски.