Италија ги заостри ограничувањата во пет од 20-те региони на земјата во обид да го спречи ширењето на новите мутации на коронавирусот. 

Италија воспостави четиристепен систем означен со бои (бела, жолта, портокалова и црвена) што овозможува мерките да се приспособат според нивото на инфекција, а проценките се ревидираат секоја недела.

Првпат од крајот на јануари, два региона – Базиликата и Молизе – се ставени во најстрогата црвена зона. Ова значи затворање на баровите и рестораните, строго ограничување на движењето и затворање на сè, освен продавници за храна.

Три региони се префрлија од жолта во портокалова зона: Ломбардија и Пиемонт, каде се наоѓаат богатите северни градови Милано и Торино и крајбрежниот регион Марке.

Во овие области, рестораните и баровите се затворени, освен за храна и пијалок за носење и на луѓето не им е дозволено да ги напуштаат своите градови, освен во итни случаи, поради работни и здравствени причини.

Островот Сардинија стана првиот регион прогласен за бела зона, каде што се применуваат само минимални ограничувања.

Денешната одлука значи дека од понеделник, кога ќе стапи на сила, два региона ќе бидат класифицирани како црвени, девет како портокалови, осум како жолти и еден како бел.

Министерството за здравство посочи на постојан пораст на инфекциите, со 20.499 нови дневни случаи, за разлика од 19.886 претходниот ден. Во текот на изминатите пет дена, новите случаи се зголемија за 35 проценти во споредба со истиот период минатата недела.