Долгогодишна руска невладина организација за заштита на човековите права денеска соопшти дека ќе престане да работи поради законот за „странски агенти“.
Организацијата „За човекови права“ соопшти дека се распушта, наведувајќи го како причина ставањето на нивниот лидер Лев Пономарев на списокот на „странски агенти“ за кои е задолжено руското Министерство за правда.
Според спорниот закон, организациите и поединците кои учествуваат во непрецизно дефинираната „политичка активност“ и кои добиваат помош од странство мора да бидат регистрирани како „странски агенти“.
Тоа се толкува како обид за дискредитација на активистите затоа што повеќето Руси го сфаќаат терминот „странски агент“ за навредлив.
Организацијата, основана од Пономарев во 1997 година, соопшти дека врз основа на законот за „странски агенти“ нејзините членови можат да бидат осудени на парични казни и затвор.