Координаторот на словенечката Влада за масовна вакцинација Јелко Кацин денеска изјави дека најголемиот дел од популацијата на Словенија ќе биде вакциниран со вакцината против коронавирус на АстраЗенека.

Тој на прес-конференцијата рече дека за еден месец или два, целата земја ќе може да се вакцинира без ограничувања на возраста и додаде дека вакцината АстраЗенека се покажала како најсигурна, пренесува телевизија Словенија.

– Оваа вакцина обезбедува заштита најмалку девет месеци, односно до крајот на годината, изјави Кацин и најави дека вакцинирањето на децата ќе започне наскоро.

Во моментов во Словенија се користат три вакцини – на АстраЗенека, Фајзер и Модерна и се очекува в четврток Европската агенција за лекови да одобри вакцина на компанијата Џонсон и Џонсон.