Словенечкиот премиер Јанез Јанша денеска го повика директорот на Словенечката новинска агенција (СТА) Бојан Веселинович да поднесе оставка.

„Време е директорот, како политички инструмент на крајната левица, да даде оставка и да преземе одговорност за своите незаконски постапки и да овозможи СТА да работи нормално и да се развива“, напиша Јанша на Твитер.

Агенцијата пренесува дека се обратила до кабинетот на премиерот за објаснување за тоа на какви незаконски акции мислел Јанша.

Словенечкиот премиер, исто така, тврди дека откако Веселинович е на чело на СТА, „се отпуштаат новинари кои имаат фатално заболување, а лагите често се продаваат како вистина“.

Повикот на Јанша за оставка на Веселинович уследи по повеќемесечна расправија меѓу раководството на СТА и владата околу начинот на финансирање на новинската агенција, која, според стандардниот договор со владата, добива финансирање половина од државата додека остатокот од средствата се од други извори, јави Хина.

Раководството на СТА и новинарите во последните месеци предупредуваа дека владата одбива да го обнови договорот, со што се доведува во прашање опстанокот на агенцијата и социјалната позиција на вработените.