Руската вселенска агенција Роскосмос денеска соопшти дека Москва и Пекинг заеднички ќе изградат лунарна вселенска станица, во момент кога Москва заостанува зад Вашингтон и Пекинг во истражувањето на Месечината и Марс.

Меморандумот за изградба на вселенска станица на Месечина е потпишан од директорот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин и директорот на кинеската Национална вселенска управа (ЦНСА), Жанг Кеџијан.

Предвидено е лунарната станица да  биде дизајнирана како „комплекс на експериментални истражувачки објекти создадени на површината и/или во орбитата на Месечината“.

Таа ќе биде достапна за употреба од други заинтересирани земји и меѓународни партнери, се истакнува во соопштението на Роскосмос, но не се наведува датумот кога треба да биде завршена лунарната станица.

Москва и Вашингтон соработуваат во вселенските истражувања. Русија минатата година го загуби својот монопол за летови со екипаж до Меѓународната вселенска станица по првата успешна мисија на американската компанија Спајс Икс (Space X).

Спајс Икс на Илон Маск планира патување на Месечината, кое ќе биде отворено за неколку лица.

Кина ги изрази своите амбиции во вселената лансирајќи ја минатата година својата сонда Тијанвен-1 што во моментов кружи околу Марс. Кина во декември успешно донесе  примероците од Месечината на Земјата, во прва мисија од овој тип во последните 40 години.