Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека ниту ќе преговараме, ниту ќе прифатиме да си имаме работа и да правиме заедничка влада со мафија, и тоа веднаш го кажавме, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во „Што не е јасно“ на Алфа, за предлогот на Зоран Заев за широка влада.

Мисајловски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да поддржи некој како Заев кој ги продава идентитетот и историјата, а како што видовме на избори победи со поткуп, додека во меѓувреме врши прогон кон опозицијата.

– Овој блеф на Заев беше и порака до неговите коалициони партнери, кон помалите партии во коалицијата. Имаат огромни проблеми во коалицијата и владата, не им функционираат органите, институциите, владата и Парламентот.  Кворум за работа ни денеска немаа. Се фалеа дека обезбедиле големо мнозинство, а дојде на тоа да си ги превоспита своите пратеници и да провери дали има мнозинство, вели Мисајловски.

Мисајловски посочи дека намерите на Заев како и секогаш се нечесни и тој со сите можни механизми, уцени и закани ќе се обиде да го задржи тоа купче на власт.

Сите овие обиди на Заев ова е знак на очај и слабост. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги победи сите нив на купче. Но, треба многу работа, а резултатот ќе стигне за брзо и ќе има предвремени парламентарни избори. Единствената сила која може да го турне Зоран Заев и да ги зачува идентитетот и историјата  е ВМРО-ДПМНЕ, рече Мисајловски.

Тој нагласи дека  Транспаренси кажува дека сме најкорумпирана земја во регионот, додека ЕУ гледа колку се злоупотребува европското знаменце и дека народот нема полза од тоа, затоа и сме далеку од датумот за преговори и затоа е потребна нова влада која знае како да работи.