Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев предизвика бура со неговата изјава за првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.
Пандев кажа дека Сејдини барал отказ за селекторот Игор Ангеловски пред натпреварите против Косово и Грузија, но на крајот се откажал поради големата поддршка која ја доби тренерот од македонската јавност.
Ангеловски во изјава за „Спорт1.мк“ ги потврди зборовите на македонскиот капитен.
-Сѐ што кажа Пандев за мене и за тоа што го посочи (Сејдини сакал да го смени Ангеловски после мечот со Израел – н.з.) е – вистина! Може македонската јавност сега да види под каков притисок ги водев двата клучни мечеви во баражите (со Косово и со Грузија – н.з.). Но, заедно со сите членови на А-тимот успеавме да го обезбедиме пласманот на Европското првенство и да го оствариме овој историски успех на Македонија на чело со капитенот Горан Пандев. И тоа на радост на сите во Македонија, кажа Ангеловски.