Д-р Андон ЧИБИШЕВ
Република Македонија во моментот се наоѓа во ковид агонија и вакцинална депресија.
Надлежните во изминатиот период во неколку наврати многу грубо и неодговорно ја манипулираа ( лажеа) јавноста дека епидемиолошката ситуација се смирува, дека ние сме една од најподготвените држави која успешно се справува со пандемијата, дека вакцини се нарачани, дека само што не стигнале , дека имунизацијата на населението ќе почне навреме.
Меѓутоа, како проаѓаше времето, разбравме дека од тоа нема ништо и дека тоа бил само ефтин ПР на Министерството за здравство и Владата.
И згора на тоа, веќе интензивно се вршат последните подготовки за спроведување на најавениот попис кој треба да започне на 1 ( први) април. Во меѓувреме , со објаснување дека заради неодговорност на граѓаните надлежните се принудени да воведат рестриктивна мерка, полициски час во периодот од 22 часот до 5 часот наутро. Значи, преку ден по домаќинствата ќе циркулираат стотици попишувачи кои на дневна основа ќе посетуваат по неколку домаќинства и ќе остваруваат контакти со повеќе лица, а притоа мора да напоменеме дека тие не се имунизирани затоа што одговорните кои се всушност крајно неодговорни, не се потрудиле да ги имунизираат, заради нив и заради тие со кои во тие двесетина дена ќе бидат во контакт. Вака спроведениот попис ќе биде идеална можност за за влошување на епидемиолошката состојба и забрзана трансмисија на вирусот со несогледливи последици.
Да заклучам, на Македонија и требаат рестриктивни мерки кои ќе дадат резултат и ќе ја стават под контрола пандемијата, а не полициски час во време кога надвор се движат само кучињата-скитници.
Мојот став е : Никако ПОПИС во ваква влошена епидемиолошка состојба, одлагање на пописот за подобри времиња, во интерес на здравјето и животите на граѓаните.