Јапонските власти не се согласуваат со одлуката на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) да ја прифати понудата Кина да обезбеди вакцини против Ковид-19 за учесниците на Летните и Зимските олимписки игри во Токио и во Пекинг, јавија денеска светските агенции.

Министерката во Владата на Јапонија задолжена за организација на Игрите, Тамајо Марукава, посочи дека МОК не ја консултирал Јапонија за кинеските вакцини. Таа порача дека јапонските спортисти нема да се вакцинираат со кинеските вакцини, бидејќи истите не се одобрени за користење во земјата.

„Преземаме сеопфатни мерки против заразни болести во подготовките за Игрите во Токио со цел да овозможиме учество на спортистите без вакцинирање. Нема промени во нашиот став дека вакцинацијата нема да биде услов, изјави Марукава.

Реакцијата на властите во Токио доаѓа ден откако претседателот на МОК, Томас Бах, обелодени дека е постигнат договор со Олимпискиот комитет на Кина за обезбедување дополнителни дози вакцини против коронавирус за учесниците на претстојните Летни олимписки игри во Токио, како и за спортистите, кои ќе настапат на Зимските олимписки игри во Пекинг идната година.