Страшо АНГЕЛОВСКИ
ЗА ЕВРОВИЗИЈА
Деновиве, но и со години наназад, исклучително актуелно е учеството на македонски натпреварувач на музичката Евровизија. Годинава, таа дилема е двојно поинтензивна откако момчето од Струмица кое треба да не претставува, а чиј најголем дострел било учеството на “Златно славејче“ пред дваесеттина години, заради сопствен маркетинг, што не е непознато, намерно предизвика контроверзии кои, нели, треба да предизвикаат што поголем интерес за него.
И, ова не е ништо ново во музичката индустрија, бидејќи токму контроверзиите “го продаваат производот“. Но, жално е што ова момче се обиде, уште нестасано пред европската публика, да се продаде себе си’ преку самооспорување на сопствениот национален идентитет, што, во крајна линија, треба да предизвика оспорување на националниот идентитет на македонскиот народ.
И, доколку се согласиме дека никој нема право да му го негира националното чувство што го носи во себе, на што, некои веќе добро познати ликови во политиката, веќе му честитаа, мораме да се согласиме и дека самиот податок што една негова баба е родена некаде во петричко, Пиринска Македонија, денес во состав на бугарската држава, не му дава право Струмица и Република Македонија да ги претставува само како “дел во кој е роден“ од “онаа страна“ на таа “една и заедничка“ држава. И со тоа, речиси отворено, да ја промовира големобугарската аспирација.
Самото тоа, веќе е доволно момчето од “Златно славејче“ да не патува во Ротердам.
Од друга страна, самата евровизиска претстава стана место каде што се промовираат неморалните, неприродните и блудни визии за иднината на човештвото, создадени во алхемичарските лаборатории на западнохристијанската цивилизација. Визии создадени за уништување на божјото, природното, моралното, содржано во родот, породот, семејството и народот. Западнохристијанска цивилизација, која во својот предсмртен грч сака целото човештво да го повлече со себе.
ЗА ДЕМОХРИСТИЈАНСТВОТО
Демохристијанството, како политичка идеологија на која се темели целокупната западнохристијанска цивилизација и сите нејзини пројави во неморалот, блудното и неприродното, се појавува на почетокот на дваесеттиот век. Имено, католичката црква, во времето на папството на Лав ХIII започнала фаза на сопствено прилагодување на тукушто настанатите општествено-економски, политички и класни промени. Со донесувањето на Енцикликата Rerum Novarum ( во превод – Правата и должностите на капиталот и трудот), во 1891 година, католицизмот, како политичка идеологија, станува темелот врз кој во дваесеттиот век се создава политичко движење во обликот на демохристијанските политички партии. Бидејќи Енцикликата во својата суштина претставува еден вид задолжително папско послание до сите католици и има програмски карактер кој може да се однесува на религиски, политички или општествен проблем, најпросто речено – католицизмот и католичката црква со седиште во Ватикан се основата на демохристијанската идеологија и демохристијанските политички партии.
ЗА ВАТИКАН
Ватикан е седиштето на Римокатоличката црква и центар во кој се носат сите важни одлуки за католичкиот свет, за неговата демохристијанска идеологија и политика. А, римокатоличката црква, колку за пример, е создавач на најкрвавиот до сега практикуван однос кон “кривоверците“ – инквизицијата. Таа, инквизицијата, претставува група установи на Римокатоличката црква кои имале за задача да иследуваат, судат и казнуваат луѓе кои црквата ги сметала за кривоверци. Почетокот на работата на инквизицијата се поврзува со папата Григориј IХ, кој со папски указ ја основал на 29 август 1289 година. Дејствувала во средниот век во сите земји на Западна Европа. Папата Инокентиј IV дури издал папска була под наслов “Ad Exstirpanda“ која експлицитно дозволувала мачење при изнудување признание од наводните кривоверци во текот на инквизицијата и, експлицитно простувала пракса на убивање на “кривоверците“, со палење на клада. Укината е дури во текот на XIX век.
Во дваесеттиот век, пак, Ватикан е постојано тресен од сексуални скандали, односно злоупотреба и злоставување на деца, машки или женски, сеедно. Експертите проценуваат дека само во САД бројот на жртвите изнесува повеќе од 100.000 лица. Само во сојузната држава Пенсилванија, на пример, деца злоставувале повеќе од 300 свештеници, кои во изминативе седумдесеттина години сексуално злоставиле илјадници малолетници. Се проценува дека во Германија, во периодот од 1946 до 2014 година најмалку 1.670 клерици злоставиле повеќе од 3.600 малолетници. Во Австралија, според експертите, бројката на сексуално злоставувани малолетници од страна на луѓе од католичката црква се движи околу 60.000.
Ова е само мал дел од црната историја на Ватикан и Римокатоличката црква, како идеолог на демохристијанската политичка идеологија, која, пак, е создавач на западнохристијанските вредности кои, меѓу другото, се промовираат и на евровизиските фестивали. Еден синџир на нештата кој јасно говори за она што му се нуди на светот и на човештвото под превезот на “западната демократија“. “Западна демократија“, која со моќта на НАТО и со аргументите на оружјето, се “извезува“ на земјите на патот на енергијата – нафтата или гасот, сеедно.
НА КРАЈОТ – ЗА ПРАВОСЛАВИЕТО
МААК, како политичка партија на вистинските вредности, во точката 2. од својата скратена програма, јавно и недвосмислено повика:
“Возобнова на православните вредности во Македонија и на Балканот. Изградбата на новите храмови на МПЦ ОА е само еден од сегментите за враќање на православните вредности, но многу поважниот е изградба на божјите храмови во човековиот ум и човековото срце и враќање кон вистинските вредности на православното постоење.“
Зашто, големиот Анте Поповски има запишано – “Илјадниците светилишта, цркви и манастири се вистинска Исусова возљуба на македонската земја; вистинскиот говор Исусов. По манастирските конаци се’ уште се распознава таинствениот шепот на монасите кои во секој ред на Светото писмо гледаа и некој – спас. Тие свети жилишта, тие цркви и манастири, тие црковни камбани ги паметат сите страдалници кои се крстеле во нив, кои го довикувале Исуса. Ги познаваат свирачите, ги паметат зимите, поплавите, војните. Гледајќи ја Македонија со тие кубиња и свети знаци, човек да поверува дека целата ни татковина е – некое тајно и се’ уште недопрочитано писмо“…
Ова е вистинскиот патоказ во битката против злото, во битката за македонското постоење.
(авторото е претседател на МААК)