Во Собранието заврши расправата по Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, по скратена постапка, а пратениците ќе гласаат по него кога ќе се создадат услови. Пленумот продолжи со работа по точки од дневениот ред од 30. седница.

Овој проект е на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, кој го најави уште на почетокот на мандатот, а се актуелизира сега пред локалните избори. Шилегов за време на четиригодишниот мандат промовираше тротинети, сега кога мандатот му завршува, власта се  сети на брз автобуски превоз во Скопје.

Пратениците за време на расправата дебатираа за тоа дали на Скопје му е потребен ваков превоз, за што ќе биде земен заем од 70 милиони евра, а ќе го плаќаат граѓаните на целата држава, зошто проектот до Собранието се доставува на крајот на мандатот на градоначалникот, а не на почетокот… Опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека проектот не е добар за главниот град, додека за претставниците на владејачките партии вакво нешто му е потребно на Скопје.

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова зборувајќи за проектот рече дека вакви проекти не се предлагаат на крај на мандатот и тие не треба да бидат на товар на сите граѓани во државата. Како пример ја посочи Софија, која метрото го изградила со заем, што го исплаќале само жителите на градот. Таа исто така смета дека треба да се преиспита организацијата на Скопје, кој има десет општини и излегува дека е „еден од најдолгите градови“.

Давкова Силјановска забележа исто така дека иако тие кои се денеска на седница дебатираат за законот, него ќе го носат други пратеници кои не се присутни и нема да зборуваат за него.

На ова претседателот на Собранието Талат Џафери одговори дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не сакаат „да прават кворум“ и затоа законот не може да се донесе и оти причина за тоа не се отсутните пратеници.

Диме Велковски од СДСМ и реплицираше на неговата колешка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека проектот не се поднесува на крајот на мандатот, бидејќи на него се работи неколку години и е влезен во Буџетот.

– Дали граѓаните заслужуваат брз автобуски превоз? Треба да бидете коректни и да кажете дека се прават добри работи, а вие зборувате само за задолжувања, рече Велковски.

Давкова Силјановска одговори дека во Собранието проектот е пристигнат во ноември 2020 година и оти кога закоот би се носел во редовна постапка, а не во скратена, би можеле во Собранието да се поканат и експерти кои ќе зборуваат за неговата оправданост и од стручен аспект.

Пратениците од опозицијата од другите градови зборуваа за состојбата со автобускиот превоз во нивните опоштини, а тема беше и пандемијата со Ковид-19, задолжувањето, како и работата на сегашните и поранешните градоначалници во контекст на локалните избори на есен.