Преговорите меѓу федералните и покраинските влади на Германија за понатамошни мерки во борбата против коронавирусот се прекинати поради несогласување околу воведувањето построги мерки, што ги бара канцеларката Ангела Меркел.

– Мерките за кои се договоривме досега не се доволни за да се запре динамиката на ширење на инфекцијата, рече Ангела Меркел.

Како што пренесуваат германските медиуми, најспорно е прашањето за патувања за време на велигденските празници.

Федералните покраини, особено оние лоцирани на бреговите на Северното и Балтичкото море, бараат отворање на туристичките капацитети со строго почитување на хигиенските мерки и физичката дистанца.

Меркел останува на ставот за натамошна забрана за сите патувања

Федералната влада и некои федерални покраини одбиваат да го сторат тоа и инсистираат на понатамошна забрана на сите патувања што не се многу потребни, вклучувајќи ги и туристичките. Забрането е хотели и приватно сместување да бидат домаќини на гости за туристички цели.

На состанокот се дискутира и за воведување полициски час во области со голема инциденца на зараза.

Планираниот предлог да се дозволи посета на семејствата за време на велигденските празници, како што беше случај за Божик, е одбиен.

Претходно, учесниците на состанокот, како што пренесуваат германските медиуми, се согласиле за начелно продолжување на актуелните мерки до 18 април.

Сè уште не е познато кога може да продолжи состанокот.