Не постои кривично дело „поттикнување на бојкот“ и нема никакви можности кривично да се гонат поттикнувачите, вели адвокатот Звонко Давидовиќ, по тврдењето на Владата дека постојат елементи на кривичното дело „поттикнување“ за оние што ги повикуваат граѓаните да не учествуваат во пописот што упорно се турка во период на силен бран на коронавирусот и голем број новозаразени.
– Самите повици за бојкот се на тесна граница со слободата на изразување и нормално е да постојат различни мислења за спроведување попис во една вака ненормална ситуација, во услови на пандемија и голем број заболени, вели Давидовиќ за Слободен печат.
Од Владата не одговорија конкретно на кој закон и член би се повикале при евентуалното кривично гонење, со оглед на фактот што во Законот за попис одбивањето да се дадат податоци е прекршок, а пак во Законот за прекршоци е наведено дека за поттикнување прекршок не следува одговорност. Оттаму единствено потсетија на казнените одредби на Законот за попис дека на граѓаните што ќе одбијат да дадат податоци на попишувачите им се заканува глоба од двесте до триста евра.
Додека власта упорно го турка одржувањето на пописот, опозицијата бара тој да биде одложен за да се заштити здравјето на граѓаните, министрите за политички систем и надворешни работи, Артан Груби и Бујар Османи продолжуваат со интензивна кампања за мобилизација на дијаспората во пописот.
Груби и Османи во Косово и во Албанија, но и во неколку европски центри остварија повеќе средби со претставници на здруженија на иселеници Албанци од Македонија, повикувајќи за масовен одзив.
Повеќе од аналитичарите сметаат дека ваквите потези го политизираат пописот.