Македонија е вреден сојузник на НАТО, нагласува генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во честитката за, како што вели, успешната прва година во Алијансата.
Во видео обраќањето по повод годишнината, Столтенберг, истакна дека Македонија е суверена земја во силната Алијанса, со свое место на масата на НАТО и еднаков глас во обликувањето на одлуките.
– Тоа е крај на едно патување поплочено со храброст и одлучност, што ја постави С. Македонија на патот на стабилноста и просперитетот, опкружена со 29 пријатели и сојузници, а тоа е добро за граѓаните на С. Македонија, за регионалната безбедност и за трансатлантската безбедност, вели Столтенберг, соопштија денеска од Министерството за одбрана.
Нарекувајќи ја Македонија сигурен извозник на безбедност, генералниот секретар го поздравил учеството на припадниците на Армијата во мисиите на НАТО.
– Заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги запознав вашите специјални единици кои се обучуваа во Скопје. Ги запознав и вашите високо професионални храбри трупи кои се борат против меѓународниот тероризам кога го посетив Кабул. С. Македонија е сигурен извозник на безбедност, рекол Столтенберг.
Тој го поздравил планот за инвестирање на 2 проценти од БДП во одбраната.
– НАТО помага во создавањето на стабилност што е темел на економскиот раст, додал тој, се наведува во соопштението од МО.
Генералниот секретар на Алијансата се осврнал и на солидарноста на НАТО во услови на пандемија, на новите безбедносни закани и најавил дека на следниот Самит на НАТО ќе биде поставена амбициозна агенда за иднината на Алијансата преку иницијативата за НАТО 2030 година.
– Во овие неизвесни времиња, уште поважно е да имате пријатели и сојузници. Затоа, честитки уште еднаш на С. Македонија за успешната прва година. Ви благодариме за континуираниот придонес на нашата заедничка безбедност. И благодариме на Канцеларијата за врски на НАТО за целата нивна помош и поддршка низ годините. Заедно стоиме, 30 сојузници на број. Заедно продолжуваме да ја гарантираме безбедноста на нашите граѓани, заклучил Столтенберг, соопштија од МО. цр/л