На ѕидот наспроти британскиот Парламент активисти почнаа да цртат 150.000 срца во спомен на умрените од Ковид-19, но и како своевидна помош за семејствата на жртвите од пандемијата на коронавирусот.

Муралот треба да се протега стотици метри долж јужниот брег на реката Темза пред болницата Свети Тома, каде премиерот Борис Џонсон минатата година беше сместен  на Одделението за интензивна нега кога сериозно се разболе од Ковид-19.

Акцијата е организирана од групата „Covid-19 Bereaved Families For Justice UK“, која бара јавна истрага за пристапот на владата кон пандемијата.

-Секое срце е насликано рачно и е уникатно, како и најблиските што ги изгубивме, изјави Мет Фаулер, еден од основачите на групата.

Британската Влада вети дека кога пандемијата ќе заврши ќе изгради споменик за жртвите на коронавирусот.