Нема потреба од воведување нови дополнителни рестриктивни мерки. Тие не би дале резултат зашто се наоѓаме на шестата до осмата недела од третиот бран.
Ова е заклучокот од вчерашната координација на министерот за здравство, Венко Филипче со директорите на ковид-центрите и претседателот на Комисијата за заразни болести околу епидемиолошката состојба во земјава.На координацијата било заклучено дека болничките капацитети за прием на ковид-пациенти се зголемени за 50 отсто во однос на ноември, а зголемена е и потребата од хоспитализација. Стотина кревети дополнително се подготвуваат и во секој момент доколу е потребно може да се стават на располагање за прием на ковид-болни.
Според епидемиолозите, вирусот има широка инфекција на територија на цела држава, а во сите болници низ земјата има слободни кревети.Состојбата со пандемијата со Ковид-19 беше тема и на седницата на Советот за безбедност на која учествуваше и министерот Филипче. По седницата, претседателот Стево Пендаровски изјави дека Советот за безбедност бара државата да ги искористи сите расположиви ресурси за да им се даде соодветна здравствена заштита на заболените од Ковид-19, како и да направи се да спроведе масовен процес на имунизација на населението.
Пендаровски упати личен апел до приватните здравствени установи да ја разгледаат можноста да се откажат од профит за да ги направат нивните услуги подостапни за граѓаните болни од Ковид-19 и ако за тоа има потреба да го упатуваат и својот медицински персонал во јавните здравствени установи.
– Убеден сум дека во време на големи колективни страдања не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за нечија добивка и делење на дивиденди, рече Пендаровски.
Тој апелираше и до граѓаните да ги почитуваат препораките и да бидат совесни и одговорни , но, како што нагласи, политичарите со почитување на мерките и законите ќе имаат образ да го бараат истото од граѓаните.
Во врска со можноста за воведување порестриктивни мерки, Пендаровски рече дека ниту тој, ниту членовите на СБ не се компетентни да кажуваат. Додаде дека од лани, од март кога почнаа рестриктивните мерки сто отсто ги следеле препораките на Комисијата за заразни болести. Шефот на државата истакна дека нивните препораки деновиве е дека треба да се остане со истиот сет мерки и дека нема да има подобар ефект ако се затвораме.
И вчера беше забележан висок број на новозаразени со Ковид-19. Беа регистрирани 1.272 случаи од 3.948 тестирања или 32 отсто. Пријавени 33 починати лица, меѓу кои најмладиот 34-годишен. Регистрирани беа 868 оздравени пациенти.Досега во земјата се направени вкупно 620.810 тестирања на Ковид-19.Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 128.511, бројката на оздравени пациенти е 106.392, на починати е 3.749, а бројот на активни случаи изнесува 18.370.Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни има во Скопје и тоа 9329, Прилеп – 1047, Куманово – 782, Охрид – 709, Кавадарци – 697, Битола – 677, Велес активни 652. Во другите градови има под 600 заразени.
На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови низ земјата се лекуваат 1577 пациенти со Ковид-19. Во ковид – центрите има околу 260 празни болнички кревети. Во главниот град хоспитализирани се 666 лица, а во болниците во другите градови се лекуваат вкупно 912 пациенти.
Во моментов во ковид – центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 306 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 142 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 149 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 40 пациенти. На Клиниката за детски болести има 11 деца позитивни на Ковид-19, а на ГАК има девет позитивни пациентки.
Во болницата во Куманово се лекуваат 147 пациенти, во ковид – центарот во Охрид 100, во Прилеп – 116, во Кавадарци 71 лице.
Во штипскиот Ковид центар нема слободни болнички кревети. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека исполнети се сите капацитети на Инфективно, Кожно, Анестезиологија и Кардиологија.
Во смирување на епидемиолошката состојба, се очекува да придонесе вакцинацијата, која ќе почне од денеска со вакцинација на лица над 77 годишна возраст со вакцините на „Астра Зенека“.
Во однос на набавката од 200 000 вакцини од компанијата „Синофарм“, вчера премиерот Зоран Заев побара од гостинот од Кина, министерот за одбрана, генерал Веи Фенгхе, да апелира до надлежните институции во НР Кина да се забрза испораката. Генерал Веи Фенгхе на средбата истакнал дека оваа порака ќе им биде веднаш пренесена на надлежните институции за да се потврди пријателството меѓу двете земји и за време на актуелната криза заради Ковид-19.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска му се заблагодарила на кинескиот колега за кинеската поддршка во справувањето со последиците од пандемијата, која во јули 2020 година за Армијата донираше заштитна медицинска опрема составена од заштитни маски, заштитни очила, визири, заштитни одела, ракавици, инфузиски пумпи, термометри и термални шлемови, во вкупна вредност од околу 250.000 долари.
Министерот за одбрана на НР Кина најави и можност за поддршка на македонската Армија со кинески вакцини.
Во светот досега се заразија над 128 милиони со коронавирусот, 2,8 милиони починаа и повеќе од 103 милиони оздравеа.
САД и 13 други земји вчера изразија загриженост дека извештајот на Светската здравствена организација за потеклото на Ковид-19 доцни и не се заснова на целосни податоци.
Изјавата ја потпишаа владите на Австралија, Канада, Чешка, Данска, Естонија, Израел, Јапонија, Летонија, Литванија, Норвешка, Република Кореја, Словенија, Велика Британија и САД.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус бара нова истрага за наводите дека коронавирусот „избегал“ од лабораторија. Тој исто така го критикуваше недостигот на пристап до податоци за меѓународни експерти.Хипотезата дека коронавирусот можел да „избега“ од лабораторија ја бранеше претходната американска администрација на Доналд Трамп, и беше заснована на податоци од разузнавачки служби.Кина секогаш ја негираше таквата можност.Светските лидери повикаа на склучување нов договор што ќе му помогне на светот да се подготви за идна пандемија и предупредија на растечки национализам за вакцинација.
Повеќе од 20 лидери, вклучувајќи ги Емануел Макрон, Борис Џонсон и Ангела Меркел, напишаа отворено писмо објавено во неколку светски медиуми во кое предупредуваат дека не станува збор дали, туку кога ќе нè погоди нова здравствена криза, и повикаа земјите да избегнуваат изолационализам и национализам.