Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против десет лица вработени во МВР кои ја злоупотребувале својата службена положба и овластувања, со тоа што издавале македонски патни исправи за лица странски државјани, употребувајќи туѓ идентитет на државјани на Република Македонија, кои до моментот на издавањето не поседувале биометрски лични документи. Од нив девет се приведени, и тие во текот на утрешниот ден ќе бидат предадени на надлежното обвинителство и надлежниот суд, а по лицето кое денеска не беше пронајдено во својот дом ќе се трага, информираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Тој на прес-конференција во Владата потсети дека истрагата за овој случај е отворена на почетокот на 2019 година и со неа утврдиле дека службените лица делото го извршиле на начин спротивен на одредбите од Постапката за издавање на патни исправи, визи и евиденција од Законот за патни исправи на државјаните на РМ, со што овозможиле на вкупно 215 лица, од кои 214 странски државјани, и еден македонски државјанин, да се стекнат со македонска патна исправа под туѓ идентитет. Дополни дека како поддршка на криминалната мрежа било и лице кое не поседува службени овластувања, туку е посредник помеѓу барателите на патни исправи со лажен идентитет и службените лица.
Поддршка во насока на идентификување на вистинскиот идентитет на лицата била обезбедена и по пат на меѓународна полициска соработка преку Регионалната канцеларија за безбедност на САД, како и Генералниот секратаријат на Интерпол Лион и Интерпол Скопје. Притоа, било утврдено дека во еден дел станува збор за лица кои се членови на меѓународни организирани криминални групи, нарко-картели, лица инволвирани во други сериозни кривични дела односно дека станува збор за лица со профил од висок ризик и лица за кои е објавена меѓународна потерница со други идентитети.
Спасовски ја демантираше веста дека наводно оваа акција била почната во периодот кога министер бил Наќе Чулев, а дека потоа МВР не преземала ништо, класифицирајќи ја како целосна невистина, директно поврзана со обидот да се саботира акцијата на полицијата.
– Сакам во оваа прилика да упатам порака до сите кои мислат дека со опструкции и саботажи ќе нè спречат во пресметката со криминалците дека бадијала се трудат. Нема ниту да застанеме ниту да не поколебате. Ова го истакнувам поради фактот што при реализацијата на оваа акција се соочивме и со обид за саботажа што не успеа, изјави Спасовски.
За обидот за саботажа на акцијата, изјави дека очекува да се произнесе и јавното обвинителство.
Во одговор на прашање министерот Спасовски рече дека вакви исправи биле издавани и пред 2017 година и посочи дека Горан Грујовски од УБК имал лажна исправа на име на Владимир Варелов.
Порача дека граѓаните може да се чувствуваат сигурно и дека не им е загрозена правната сигурност во државата, а потврда за тоа, како што рече е оваа акција која покажува дека институциите си ја работат работата.
Министерот Спасовски на денешната прес-конференција ги повика граѓаните да ги почитуваат сите мерки во овој, како што рече, исклучително тежок период со ковид кризата, со цел максимално да се придонесе во делот на спречувањето на ширењето на вирусот и апелираше сите граѓани да бидат подготвени да се имунизираат за заедно да го сопреме злото.