Дарко Јаневски
Во сега веќе далечната 1985 година (а, можеби беше ’86-та), кога речиси половина од денешните генерации на Македонија не беа родени или имаа најмногу десет години, беше снимена телевизиската серија „Солунски патрдии“ на Миле Попоски. Гоце Тодоровски и Ванчо Петрушевски, Илија Џумерко, Димче Мешковски и Мите Грозданов, односно ефенди Цанде (Цаки, „шебојот“ на Фатиме), Сотка Пискуло, Пејо Мариовецо, Секула, Јоргос, Аџи Јанкула… ја создадоа култната серија која и денес, со помош на интернетот, ги превиткува стомаците на тие што ја гледаат.
Има ли некој што не го помни Пејо како со благо накривена капа, со полуотворени очи и малку поткрената глава, за подобро со носот да ги долови мирисите од меаната на Ангелета, и со израз на лицето кој ви ја опишува желбата за сите убавини на светот собрани во еден момент и на едно место, ги реди јадењата на масата пред Аџи Јанкула и Секула.
И вели:
„Тетовско гравче, дроб сарма, мусака, сарма со телешко месо и со сланинчиња…“.
А Секула, пустиот гладник од мариовско, кого среде соба со алтани да го ставите, пак ќе си сонува за своето село, не пропушта: „Баце Пејо, можи за мене расолница со попара малце?“
Се забораваат ли Гоце и Ванчо, односно Цанде и Сотка, нивното стискање желба и „тропај ти на вратата, мене ќе ме познаат“, Јашар бег и неговата љубов кон Фатиме додека јава на грбот на Пејо?
Не, сето тоа ќе биде вечно, како неверојатна маестралност во која преку сосема обични секвенци е доловена сликата за едно време кое одамна заминало, но останало да се пренесува преку духот на Македонецот до денешни денови.
Реков сето тоа ќе биде вечно? Ех, да, ама изгледа дека згрешив. Серијата има еден сериозен проблем, кој, бидејќи не може да се исправи, треба да ја однесе во бункер. Таа, имено, се одвива во Солун, а со сликата на „Беаскуле“ започнува и најавната шпица. И нормално, веднаш прашањето: Од каде во грчкиот град, на грчка територија, сцени со луѓе именувани како Македонци? Што бараат скопјани, со прилепчани, а можеби и по некој битолченец (за инает на претходните), да снимаат некакво дејство во Солун? Дали тоа не значи дека преку таа серија, во тие времиња од пред 30-тина години, комунистичката власт на социјалистичката република во која се уште се пееја песни за тоа како му се колнеме на другарот Тито, не пројавила територијални претензии кон Грција, претензии кои ете, како такви, останеле и до ден денешен? Очигледно да, за што впрочем не треба многу да се размислува, оти комунистите, посебно оние македонските, се познати нашироко по својата агресивност кон туѓи територии (за што во нашиот случај, како посебни сведоци можат да се повикаат Генерал Јанковиќ и Прохор Пчински, зар не?).
И затоа, бидејќи секој проблем треба да се сосече во својот корен, за што впрочем се погрижија Заев анд компани, оваа серија очигледно ќе мора да биде избришана. Зашто Македонците веќе се избришани со договорот со Грција, а Солун не е Солун туку е Тесалоники. Така што серијата има проблем не е само во содржината, туку и во насловот. Таа се вика Солунски патрдии, а името Солун ни е забрането, нели? Зашто, вакви подли подметнувања, само ја трујат душата на младите во ФИРОМ, односно во Северна Македонија и, во овие тешки времиња на криза, им создаваат немир на нашите браќа од Атина. Тоа, рака на срце, еднаш мора да престане, а на Гоце, Ванчо, Џумерко и другите да им биде ставено една налепница со натписот „Забрането“. Или не?
(Посветено на Сотка, Пејо, Цветан берберот и другите до оваа култна серија кои не се веќе со нас)