Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш предупреди дека Земјата е преплавена од рекордни количества на тропски бури, топење на ледени плочи и глечери, топли бранови и шумски пожари….

„Минатата година беше една од трите најтопли во историјата во мерењата и беше обележана со пожари, поплави, суши и топење на глечерите“, се наведува во извештајот на Обединетите нации во кој генералниот секретар на ОН предупредува дека светот е на работ на „амбис“.

Во 2020 година дојде до „двоен удар“ за милиони жители низ светот погодени од екстремните временски услови и ограничувачките мерки наметнати поради пандемијата на коронавирусот, што ја одложи помошта за некои региони, предупреди Светската агенција за метеорологија на ОН (СМО).

Извештајот за состојбата на климата во светот, објавен пред самитот за климатски промени, што ќе се одржи на 22 и 23 април под американско раководство, ги потврдува овие заклучоци, пренесува Хина.

-Ние сме на работ на бездната. Гледаме рекордни количества тропски бури, топење на ледени плочи и глечери, суши, топли бранови и шумски пожари, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Извештајот покажува дека глобалната температура во 2020 година била за 1,2 степени Целзиусови повисока од прединдустрискиот период, што ја рангира меѓу трите најтопли години, заедно со 2016 и 2019 година.

Меѓу индикаторите истакнати во извештајот се рекордно ниското ниво на мраз на Арктикот во два месеци од минатата година и фактот дека околу 80 проценти од океаните во 2020 година имале барем еден топлотен бран минатата година.