Најмалку 12 припадници на авганистанските безбедносни сили се убиени во неколку вооружени напади во текот на ноќта, соопштија денеска локалните власти.
-Најмалку осум полицајци се убиени и двајца ранети откако милитантите нападнаа контролен пункт во областа Зебак, во северната провинција Бадахшан, за ДПА изјави провинцискиот советник Закир Аријан.
Полицискиот службеник го потврди нападот и фактот дека има жртви, но не посочи на точната бројка, додава германската агенција .
Во западната провинција Херат, пак, најмалку двајца припадници на безбедносните сили се убиени, а 15 други се ранети откако бомбаш-самоубиец активираше автомобил-бомба во напад врз полициската станица во областа Горјан, соопштија официјалните лица.
Покраинската влада соопшти дека меѓу ранетите има десетина цивили, вклучувајќи и деца. Во експлозијата се уништени четири станбени објекти, а многу други се делумно оштетени.
Во Кабул, еден армиски офицер и неговиот возач се застрелани од неидентификувани напаѓачи, соопшти полицијата.
Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот со автомобилот-бомба и нападот на контролниот пункт. Владини претставници, исто така, ја обвинија бунтовничката група.
Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела најави повлекување на американските трупи од Авганистан до 11 септември, со што го надмина рокот -1 мај, што претходно со талибанците го договори поранешниот претседател Доналд Трамп.
Како одговор на тоа милитантите соопштија дека нема да учествуваат на мировната конференција на високо ниво за Авганистан, закажана за в сабота.