Екс генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, уште лани во декември почнал да го префрла целиот свој имот на име на малолетните деца, објави порталот Фактор.
Рашковски сега нема ништо на свое име, објавија вчера повеќе медиуми во Македонија, повикувајќи се на извори од Антикорупциска комисија.
Освен станот во Скопје од 65 квадратни метри, децата на Рашковски сега целосно поседуваат 11.000 квадратни метри во викенд населбата во скопско Побожје.
Блискиот соработник на премиерот Зоран Заев сега е во куќен притвор поради набавката на софтверот за сообраќај додека беше генерален секретар на Владата.
На веста за имотот на Рашковски што ја објавија медиумите има бројни реакции од јавноста, а адвокатот Јанаки Митровски праша дали Рашковски не чул за проширена конфискација на имот.
– На Рашко му даваат куќен место ефекивен притвор, inter alia, бидејќи немал имот на свое име кој цел имот пред три месеци го префрлил на име на децата кои заедно имаат шест години. Илјадници пати судии на претходна постапка немањето имот, сосема оправдано, го сметаат за фактор да се определи мерка, бидејки нема имот кој го врзува, само за Рашко тоа не е случај. Инаку Рашко како добитник на 11 златни и две сребрени медали бла бла, и два доктората, не чул за проширена конфискација. Освен ако не се докаже дека Дедо Мраз им го донел имотот а кај нас и тоа бива. Не бе, не е по договор!“, напиша адвокатот Митровски во својата објава на Фејсбук.
Од Антикорупциската комисија, во својот извештај за работењето кој го објавија за лани, укажуваат на проблемот кој го имаат со докажувањето на имотната состојба на функционерите.