Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, за првпат се огласи јавно по инцидентот во Анкара кога остана без седиште оценувајќи дека единствена причина за тоа е фактот што е жена, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Иако до сега претседателката се изјаснуваше на оваа тема строго преку нејзините портпароли кои бараа да се стави фокусот на содржината на нејзината посета заедно со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, во Турција, таа денеска пред европратениците го сподели своето лично чувство и ја искористи приликата да побара повеќе од ЕУ за еднаквоста меѓу мажите и жените.
– Јас сум прва жена претседателка на Европската Комисија. Јас сум претседател на Европската Комисија и така очекував да бидам третирана и во Турција. Но тоа не се случи и нема никакво оправдување за ова во повелбите на ЕУ. Ова се случи затоа што сум жена. Ги видов фотографиите од претходните посети на претседателите на Комисијата и немало никогаш недостаток на столици, изјави фон дер Лајен попладнево на пленарната седница на Европскиот Парламент, каде заедно со Мишел тие реферираат за инцидентот и за политиката кон Турција.
Пред неа претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, зеде збор, и се извини за инцидентот. Тој се оправда со тоа што протоколарните служби немале пристап до салата пред средбата, дека не биле запознаени со распоредот на седиштат. Што се однесува до фактот дека тој, како што се гледа на снимката од овој инцидент, седна покрај турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, без да се побуни за Фон дер Лајен, Мишел порача дека тоа го сторил за да не направи “поголем инцидент“.
Претседателката на Европската Комисија се чини не го прифати ниту денес неговото објаснување и пред Европскиот Парламент истакна дека овој инцидент не се сведува на седишта, туку е нешто што ја допира Европската Унија во нејзините основни вредности.
-Ова покажува уште колку многу ни е потребно за да постигнеме вистинска еднаквост. Јас сум во привилегирана позиција и на висока функција претседател на почитувана институција. Како лидер можам да проговорам. Но што е со милионите кои не можат? Оние кои немаат моќ ниту функција да проговорат?, праша фон дер Лајен.
За шефицата на европската извршна власт не е изненадување што снимките од Анкара ја шокираа европската и светската јавност.
-Илјадници инциденти се случуваат без никој да ги забележи затоа што таму нема камери и никој не обрнува внимание, но и тие треба да бидат раскажани и откако ќе бидат раскажани, треба да се преземе нешто конкретно, повика Фон дер Лајен.
Истанбулската Конвенција за заштита од насилство на жените и децата е една од најмоќните алатки за ова, потсети претседателката. Од оваа конвенција се повлече Турција, но таа не е уште потпишана ниту во сите земји на ЕУ, додека други размислуваат и тие да се повлечат.
-За да бидеме кредибилни мораме дома да делуваме. Секое насилство против жените и децата е злосторство и како такво треба да се третира и затоа јас сакам Европската Унија да се приклучи кон Истанбулската Конвенција, но бидејќи ова приклучување е блокирано ќе поднесам до крајот на оваа година ново законодавство за броба против насилството брз жените и децата онлајн и офлајн, најави фон дер Лајен.