Гувернерот на државата Њујорк објави дека голем дел од рестриктивните мерки на локално ниво, воведени поради коронавирусот, ќе бидат олеснети кон средината на овој месец.

Метрото во Њујорк ќе продолжи со ноќните линии и 24-часовното работење од 17 мај. Од почетокот на пандемијата метрото беше запрено ноќе, меѓу 1 и 5 часот, кога се вршела дезинфекција на возовите и метро станиците.

Ограничувањата на деловниот капацитет, вклучително ресторани, канцеларии, спортски сали, фризерски и салони за убавина, ќе бидат укинати на 19 мај.

Укинувањето на мерките за бројот на луѓе на настани и посетителите на разни институции, значи дека киносалите, музеите, театрите, трговските центри повторно ќе работат со полна пареа. Тоа, исто така, важи и за театрите на Бродвеј, кои конечно ќе можат да продолжат со работа, објавија американските медиуми.

Ограничувањата на бројот на гледачи ќе останат во сила само за големите спортски сали, а од 19 мај ќе им биде дозволено да продаваат билети за само една третина од местата.