-Една од најголемите загатки на македонската историја од илинденското време е солунската средба на Гоце Делчев и Даме Груев на Велигден 1903 година за решението од јануари таа година да се крене востание. За едни, средбата била големо разочарување за Гоце, за други, тој и Даме на крајта сепак постигнале некаква согласност. Што навистина зборувале двајцата војводи?

– ‘Се јавив во гимназијата (чиј објект одамна не постои, н.з.) и го сретнав Делчев во долниот салон крај скалите кои водеа кон горниот салон, пред кабинетот за физика и математика. Беше облечен во нова европска облека. Ме пречека насмевнат и се поздравивме празнично. Потоа ми кажа дека ме викнал за да ми соопшти дека се сретнал со Груев’, сведочел војводата Крсто Лазаров во 1930 година, на барање на неговите пријатели да каже се што знае за средбата во Солун

Дарко ЈАНЕВСКИ

Една од клучните епизоди пред Илинденското востание, а која се случувале токму во деновите пред загинувањето на Гоце, е средбата на Гоце Делчев и Даме Груев во Солун за време на велигденските празници во 1903 година. Таа веќе со децении го предизвикува вниманието на нашите историчари, дури и на тие кои сметаат дека во врска со нејзе нема веќе што да се каже или открие. Од многумина, прифатено е мислењето дека, помалку или повеќе, и двајцата останале на своите гледишта: Даме за поддршка на решението од Солунскиот конгрес за кревање востание, а Гоце за продолжување на борбата со акции далеку од населените места кои ќе ја спречат одмаздата на Османлиите врз цивилното население.

Што навистина се зборувало на таа средба? Прашање е дали тоа некогаш дефинитивно ќе биде откриено. Интересно е сведоштвото на војводата Лазар Димитров (1869 г. с. Дренок, Дебарско – 1945 г. Пловдив), публикувано на 5 мај 1930 гоидна во Пловдив во спомен на загинувањето на Делчев.

‘По желба и настојување на пријателите да го кажам тоа што го знам за становиштето на Гоце Делчев за Илинденското востание, за средбата со Даме Груев за време на Велигден 1903 година во Солун и за порамнувањето на нивните гледишта по тоа прашање, решив да ги напишам подолу изложените мои спомени’, започнува Лазаров.

Тој го опишува нашироко познатото влегување на Делчев во Солун во селска облека, со кошница вапцани јајца, а потоа вели дека на вториот или третиот ден од Велигден, претпладне, бил итно повикан од еден служител да се јави во Учителската гимназија во Солун.

‘Се јавив во гимназијата (чиј објект одамна не постои, н.з.) и го сретнав Делчев во долниот салон крај скалите кои водеа кон горниот салон, пред кабинетот за физика и математика. Беше облечен во нова европска облека. Ме пречека насмевнат и се поздравивме празнично. Потоа ми кажа дека ме викнал за да ми соопшти дека се сретнал со Груев и дека го разгледувале прашањето за востанието. Крајниот резултат бил дека и тој, Гоце, се согласил да се прогласи востанието на крајот од летото, но партизанско-четничко, а не масовно. Такво беше и решението на Конгресот. Со тоа се стави крај на спорот за кревање на востанието и не остануваше ништо друго, освен да се брза со подготовките. Се разделивме со желби за успех. Тоа беше мојата последна средба со Гоце’, запишал Димитров.

Христо Поп Коцев (1869, Ново Село, Штип – 1933, Варна), учител и член на ЦК на ВМРО, на 9 јули 1922 година во зборникот Илинден, за солунските настани од тие денови во кои главно се задржува на случувањата поврзани со атентатите на гемиџиите, меѓудругото запишал:

‘На Велики четврток, тогаш кога се читаа евангелијата, едно момче дојде и му прошепоти на Гарванов дека Гоце пристигнал. Гарванов излезе од црквата и го пречека скапоцениот гостин. Следниот ден дојде до средбата. Даме и Гоце нашироко разменија мислења за востанието. Даме веќе беше убеден во неопходноста од востанието, додека Гоце продолжуваше да биде партизан на анархичните акции. Најпосле и тој се согласи.’

Чакаларов против Даме

Како што мо`е да се забележи, станува збор за двајца непосредни сведоци на настаните, но нијансите во нивните записи воопшто не се мали. За Лазаров, Гоце се согласил само на партизанско востание, а од сведоштвото на Поп Коцев се стекнува впечаток дека на крајта Гоце се приклонил кон размислувањата на Даме.

Истата 1922 година, во истиот зборник, објавено е и сведоштвото на Козма Георгиев Чуранов (син на на човекот во чија куќа е одржан Смилевскиот конгрес) кој на Коста Црношанов му го прераскажал тоа што го чул од илинденскиот војвода Димитар Кромидаров од Смилево, кој пак бил другар со Даме и кому овој му го раскажал целиот разговор со Гоце во Солун. Целта на сведоштвото на Козма, како што самиот навел, е да побијат тврдењата кои и тогаш владееле, а според кои ‘содржината на разговорот меѓу Гоце и Даме никому не е познат’.

И според Димитар, средбата се случила на Велики петок. Гоце сметал дека решението за востание е избрзано, зашто сите окрузи не се доволно подготвени. На тоа, Даме, меѓудругото, одговорил:

‘Не сме целосно подготвени, но тоа се чини невозможно. Секое одлагање за да се подготвиме уште повеќе, може да биде причина да го изгубиме и тоа што сега го имаме, без да се ангажираме во отворена борба… Сите востанија се случувале за да се предизвикаат светските фактори да се справат со состојбата создадена од востанието. На истиот начин, и ние го очекуваме нашето ослободување. Колку и да се подготвуваме, ние нема да ја скршиме турската власт, но ќе го предизвикаме тоа што го предизвикале сите востанија – вмешувањето на големите сили во работите на Турција’.

Димитар раскажувал дека и Гоце и Даме дошле до едно исто становиште – дека востанието е неизбежно. Во некои реони како масовно, во други според можностите. ‘Во тие востанички дејствија, нема да можат да се избегнат ни атентатите до кои толку многу држел Делчев’, се сеќавал Димитар пренесувајќи го кажаното од Даме.

Ова е отприлика на линијата на сфаќањата кои поаѓаат од тоа дека Груев имал една, а Делчев друга идеја за начинот на ослободување на Македонија. Меѓутоа, во Дневикот на Васил Чакаларов, легендарниот костурски војвода, Даме е сместен во групата луѓе врз кои треба да се врши притисок за да се крене востанието. Кога на 19 април 1903 година (според стариот календар) во Смилево стигнала веста за солунските атентати, Даме Груев се обидел да објасни дека бил направен обид атентатите да се спречат или барем да се одложат до почетокот на востанието. Чакаларов тоа го сфатил сосема поинаку, па запишал:

‘Како и да е, јас се радувам (на Солунските атентати, н.з.) и нека си говорат Груевци и компанија, тие мислат и следната година да не дигаат востание. Но, тоа само по себе ќе си дојде…’.

Овие зборови на Чакаларов се неверојатни: Даме, човекот кого сите го обвинуваат дека е еден од виновниците за предвременото востание по 500 години ропство, од костурчанецот е обвинет дека всушност сака да го оддолговлекува кревањето против Турците. А, Чакаларов бил многу нешта во животот, но не и човек кој не знае што зборува.

Разочаран Гоце

Од друга страна, за многу македонски историчари, меѓу кои и проф. Михајло Миновски, дилеми нема. Врз основа на неговите истражувања, меѓу Даме и Гоце немало согласност. Во ‘Златна книга – 100 години ВМРО’, објавена во 1993 година, за средбата во Солун запишал:

‘Наместо сомисленик и соработник, Делчев сретна опонент… По разијдувањето со Груев, Делчев немаше веќе што да очекува од актуелниот состав на ЦК во Солун. Му преостануваше акцијата – менувањето на донесената одлука за востание да ја води со окружните раководства и со војводите… Делчев го напушти Солун и се упати во Серскиот револуционерен округ каде закажа окружен конгрес на кој требаше да се донесе решение против кревање востание’.

Ваквите заклучоци, исто така се поткрепени од сведошта, како, на пример, тоа на Ѓорче Петров кој во неговите ‘Спомени’ тврди дека во Солун ‘Делчев го доживеа последниот удар на разочарувањето’.

Рафаел Камхи, единствениот македонски Евреин, илинденец, кој живееше до 1970 година, забележал:
‘Изутрина отидов во хотелот. Даме веќе беше станал. Порачав кафе и чекав тој да ми каже нешто за средбата во Солун со Гоце. Но, тој не зборуваше ништо. Го запрашав: Кажи нешто за Гоце, што прави тој, ме поздрави ли? Ми одговори дека имам многу здравје од Гоце. Друго ништо не зборувавте?

Најпосле ми одговори: ‘Со Гоце не можевме да се разбереме и многу студено се разделивме’.

Михаел Герџиков, човекот кој подоцна се оженил со девојката на Гоце (за што имал добиено аманет), по повод неговото загинување во Баница навел: ‘Судбината отстрани една голема пречка во борбата да се спроведат решенијата од Солунскиот конгрес’.

Дел од овие сведоштва се базирани врз основа на кажувањата на Пејо Јаворов, првиот биограф на Делчев, кој некаде во Серско, од него лично слушнал што разговарале двајцата војводи во Солун, по што се разделиле, а Гоце се упатил кон Баница.

Така доаѓаме до тоа дека и едната и другата верзија се базирани на документирани сведоштва, но во нив постојат прилично спротивставени вистини. Според првите, Гоце на крајта се согласил со Даме, според вторите, на средбата само било зацврстени нивните разлики. Што од тоа е точно? Веројатно ќе треба да помине уште време, уште истражувања, и во секој случај, разгледување и на околностите во кои различните сведоштва се дадени. Колку што е неразумно да се каже дека некој од сведоците не ја говори вистината, толку е разумно во барање на вистината да се претпостави дека, на пример, сведоштвото на Лазаров е дадено во услови на потреба од глорификација на настаните и затскривање на евентуалните несакани моменти.

Значи можно е неговиот запис за согласноста меѓу Гоце и Даме да е малку ‘разубавен’. Од друга страна, интиргантно и досега неразјаснето е тврдењето на Ѓорче, кое е спротивно на тоа на Лазаров, а кој бил во ‘војна’ со цело ВМРО и кој вели дека Гоце бил предаден од„нашите“ во Солун. Кои се тие?

Оттука, тешко е да се долови апсолутната вистина за тој настан, а со тоа и апсолутната вистина за самото востание. И додека тоа не се случи, останува секој да му поклони верба на гледиштето кое лично го смета за поиздржано.

И сега, замислете едно вакво прашање да е спорно меѓу Македонија и Бугарија или Македонија и Грција, и да го ставите на маса да го решаваат некакви комисии. Што ќе утврдат? Вистината? Или ќе го решат проблемот со декрет? Историски проблем, а декрет? Па уште дополнети со експерти од странство, каков што беше еден од предлозите. И после да дојде некој министер од надвор и да ви каже: решете го ова, па е ве примиме во ЕУ во НАТО, каде сакате! Ја сфаќате недоветноста?