Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими сојузната министерка за Европската Унија и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер.

На средбата, како што соопшти кабинетот на шефот на државата, беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете држави и беше изразена желба за понатамошно унапредување на политичките односи и економската и техничка соработка, при што беше нагласен интересот за интензивирање на политичкиот дијалог и размена на посети на високо ниво.

Претседателот Пендаровски истакна дека високо ја цениме австриската постојана и гласна поддршка за нашата интеграција во Европската Унија оценувајќи дека експертизата од Австрија е од големо значење за Македонија во исполнувањето на стандардите на Европската Унија.

На средбата, претседателот упати благодарност за австриската координација на донацијата на вакцините „Фајзер“, според која нашата држава ќе добие 119.000 дози, од кои 20.000 се испорачани денеска и нагласи дека со ова Европската Комисија уште еднаш ја демонстрира својата солидарност.

Претседателот Пендаровски се заблагодари и за поддршката за време на мигрантската криза и постојаната помош на австриските полицајци во заедничките гранични операции на нашата јужна граница, се вели во соопштението од неговиот кабинет.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерот за здравство, Венко Филипче, се сретна со Каролине Едштадлер, сојузна министерка за Европа и Устав на Република Австрија.

На состанокот е пренесена целосна поддршка од Австрија за пристапниот процес на нашата држава кон ЕУ, бидејќи, како што е констатирано, земјава ја заслужува таа „кредибилна перспектива“.

Искажан е ставот дека се работи за кредибилноста на ЕУ, довербата во Европската унија и за безбедноста на Унијата и во таа насока е изразена и подготвеност од Република Австрија за помош во процесот, со цел продолжување на интеграциите.

Премиерот Заев се заблагодари за големата пријателска поддршка од Република Австрија на Македонија, што резултира со добри билатерални односи на политички и на економски план и отворени шанси за натамошни унапредувања.

Со позитивните политики на дијалог и инвентивност ќе продолжиме да даваме аргументи за поддршката од Австрија и од другите земји членки на ЕУ за натамошниот исчекор во евроинтеграциите. Се покажа дека граѓаните во која било држава, ги казнуваат национализмите. На домашен план, имаме видлива борба против криминалот и корупцијата, со што покажуваме дека е можно владеење на правото еднакво за сите. Но факт е дека отворената европска иднина и за нашата држава и за другите земји од регионот има мотивирачка улога во реформските процеси и во имплементацијата на европските вредности“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари на Република Австрија за присуството на австриските полицајци на јужната граница на државава, во рамките на активностите поврзани со справувањето со мигрантската криза и нагласи дека на овој план Македонија ги следи европските пракси и политики. Заеднички е констатирано дека европските перспективи за Западен Балкан се потребни, меѓудругото и за справувањето со ова меѓународно прашање.

На средбата се разговараше и за справувањето со предизвиците од пандемијата и за потребите од современ здравствен систем во полза на граѓаните. Во таа насока е посочено на потребата од планираниот нов Клинички центар во Скопје и од инклузивната поддршка на проектот од страна на политичките чинители во Парламентот.

Премиерот Заев изрази посебна благодарност до австриската министерка Едштадлер, за помошта и донациите од Република Австрија во здравството, како и за големата поддршка од Австрија и од Европската унија во справувањето со последиците од пандемијата.