Гувернерот на Флорида Рон Десантис ги укина сите ограничувања воведени поради Ковид-19 во сојузната држава, повикувајќи се на ефикасноста и достапноста на вакцините. Ова предизика критики од градоначалниците демократи.
Со потпишаниот закон кој стапува во сила на 1 јули се укинуваат локалните наредби за вонредни ситуации воведени поради Ковид-19. Десантис потпиша и указ за укинување на сите ограничувања веднаш.
-Тоа е очигледна работа што треба да се направи, изјави републиканскиот гувернер синоќа на брифинг за новинарите, повикувајќи се на намалениот број инфекции и смртни случаи, како и на засилената кампања на вакцинација.
Според министерството за здравство на САД, од 23 милионската популација на Флорида околу девет милиони луѓе добиле барем една доза вакцина..
-Длабоко сум загрижена од оваа одлука. Се уште се наоѓаме во вонредна ситуација во областа на здравството, изјави Даниела Левин Кава, градоначалничка на Мајами-Дејд, најнаселениот округ во сојузната држава.