Oд последици од Ковид – 19 вирусот денеска почина познатиот македонски композитор, аранжер и хармоникаш, Тодор Трајчевски.
Тодор Трајчевски е роден 1954 година во Штип. Беше познат композитор, аранжер и врвен хармоникаш. Студирал на факултетот за музичка уметност во Скопје, се вработил во 1983 во Народниот оркестар на МРТ, а потоа станал и негов раководител во 1988. Автор е на повеќе од 200 песни од различни жанрови, над 400 аранжмани, како и на инструментални композиции за голем народен оркестар („Фолк загатка“, „Чие е она девојче“, „Изникна ми бадем дрво“,„Кинисала Роса“, „Повардарско оро“ и др.), инспирирани од фолклорното наследство на Македонија.
Соработувал со најголемите македонски фолк ѕвезди, естрадни уметници и музичари, а за многу од големите пејачки имиња напишал хитови или аранжмани за нивните познати песни.
Пишувал и класични композиции, главно за тромбон и клавир, во соработка со Дуото Рибарски. Трајчевски беше постојан учесник на речиси сите фестивали во Македонија.