Незадоволни родители на ученици за в сабота планираат протестен марш во Скопје, како и протести низ повеќе градови во Македонија, против новиот концепт на министерката Мила Царовска и електронските учебници, а таа денеска промовира реновирани училишни вециња.

Царовска и градоначалникот на скопската Општина Центар Саша Богдановиќ денеска на прес-конференција ги промовираа реновираните тоалети на скопското основното училиште „11 Октомври“. Во ова училиште сега има тоалети прилагодени и за децата со посебни потреби.

– Денеска правиме обиколка на реновираните санитарни јазли кои ги започнавме лани и беа во доста лоша состојба. Комплетно се реновирани тоалетите во целото училиште и во спортската сала. Вложени се 7,8 милиони денари и веќе во наредна фаза продолжуваме со реновирање на останатите простории, се пофали градоначалникот Богдановиќ.

Царовска рече дека со реновирањето на тоалетите и останати простории учениците ќе добијат современи услови за престој.

Таа даде изјава и за реформите што треба да се спроведат во образованито, а за кои смета дека не се избрзани, туку дури и задоцнети.

– Ако сме го направеле пред 10 години, немаше денеска да бидеме ниско на меѓународните тестирања кои покажуваат не дека нашите деца не можат да научат, туку оти системот на кој ние ги учиме не е соодветен, затоа што меѓународните тестирања бараат поврзување на знаењата од различни научни дисциплини и доаѓање до одреден заклучок. Нашите ученици, жално, но, вистинито, не се подготвени за ваков тип на соочување со предизвиците што ги носи новото време. Концепцијата ќе почне да се спроведува и очекуваме да даде резултати по пет шест години. Паралелно ќе се инвестира во сите три компоненти и инфраструктура, наставни програми и материјали и наставници – рече Царовска одговарјќи на новинарско прашање.

Според неа, со новата Концепција за основно образование, учениците ќе стекнуваат знаења и вештини преку системи кои се светски познати, кадешто интеграцијата на содржините и на информациите ќе ги носи кон одредени заклучоци, ќе ги насочува кон преиспитување и истражување.