Тесното мнозинство ја држи Владата будна. Сметам дека време е да одработиме до крај, така што следните парламентарни избори би биле во 2024 година, изјави премиерот

Следните парламентарни избори ќе се одржат 2024 година и нема да има предвремени, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за МТВ, на прашањето дали, ако нема напредок во евроинтеграциите, со локалните се можни и предвремени парламентарни избори.

„После сериозни процеси, како што беа уставните измени, ние излеговме на избори за да провериме дали имаме поддршка од граѓаните, дали одиме по добар пат. Граѓаните одлучија дека да, сега имаме 4 години и треба да одработиме еден цел мандат. Предвремени избори имаат влијание врз економијата, тоа значи заостанување. А сите тие договори од Преспа, со Бугарија се за економија, за работни места и избор, повисок БДП, Европа да ја донесеме дома“, рече Заев.

Исто така, тој смета дека работата на Собранието сега не е доведена во прашање, бидејќи со вакцинацијата, не се очекува власта да има проблем со мнозинството, односно да има од блокади од опозицијата.

„Тесното мнозинство ја држи Владата будна. Сметам дека време е да одработиме до крај, така што следните парламентарни избори би биле во 2024 година“, истакна Заев во интервју за МТВ.

Зоран Заев верува дека ќе се најде решение за отворените прашања со Бугарија  и упатува порака директно, до претседателот Румен Радев и до техничката Влада во Софија да покажат европска големина кон еден од своите први соседи, Северна Македонија да дадат шанса да го продолжи процесот за членство во ЕУ.

Во интервју во дневникот на Националниот сервис (а, не МТВ со која се уште раковиди вмровски директор), како што пренесува МИА, Заев при тоа се повика на консензуалната одлука на сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, дека сме ги исполниле условите за почеток на преговорите. Додаде дека очекува да се одржи првата меѓувладина конференција, откако ќе се одржи состанокот на Советот на министрите кога ќе се донесат одлуките и ја повика Бугарија да продолжи во духот на европските манири и да го сврти повторно вниманието на ЕУ кон регионов.

-Да продолжиме да градиме пријателство, важно е каква историја пишуваме сега, нашите млади луѓе сакаат да ги отвориме вратите и можностите за соработка, а не да бидеме заглавени во минатото, оцени Заев.

Тој посочи дека со неговата посета на Брисел минатата недела соопштено е на сите европски институции и земји дека нема да преговараме додека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса.

-За идентитетот и јазикот не се преговара. Тоа што треба да го знае нашиот народ, е дека Европа должи. Ние испорачавме сѐ. …Македонија е земја која најмногу чекала од сите кои што сакаат да го продолжат европскиот пат. Од сите земји што некогаш биле кандидати, а денес се членки или се уште се кандидати ние чекаме најмногу, 16 години, рече премиерот Заев.

Според него, без Македонија е загрозено проширувањето на ЕУ која самата таа го прогласи за своја стратешка цел.