На вчерашната седница на Владата дискутиравме за законот за легализација на бесправно изградените објекти и оставаме простор да отвориме широка јавна расправа и низ транспарентна постапка да ги отстраниме што е можно повеќе од спорните делови поради кои претседателот Стево Пендаровски не го потпиша законското решение што беше донесено во Собранието, информира вечерва министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
-Разговарав денеска и со претседателот на Собранието и почнуваме со серија на средби со пратеничките групи и со невладините организации и асоцијациите за кои верувам дека ќе ни дадат поддршка и помош како да дојдеме до подобро законско решение, но крајната цел да ни бидат граѓаните и фокусот на овие 50 или 60 илјади проблеми во државата, рече Бочварски во емисијата „Топ тема“.
Нагласи дека ќе се разговара за целиот закон и додаде дека со плаќањето 150 евра наместо едно евро за квадратен метар како досега за легализација на објектите им се укажува на граѓаните дека бесправното градење е недозволиво и дека во иднина нема да се дозволува.
-Во новите измени на законот може да се предложи и аспектот на луксуз, а тоа е согласно големината на објектот. Неприфатливо е граѓанин кој прима социјална помош да легализира објект од 200 квадратни метри, нешто што е луксуз во државата. Ќе направиме јасна дистинкција над одредена квадратура да се плати одредена повисока стапка, рече Бочварски.
Повтори дека целта на законските измени беше како да ги стават во правна рамка бесправно изградените објекти на граѓаните што примаат социјална помош од државата.
-Беше предвидено ваквата легализација за таквата категорија граѓани да е бесплатна, затоа што имаат проблем во егзистенцијата и треба да бараме решение како да им помогнеме да имаат покрив над главата. За овие граѓани беше предвидено да не плаќаат комунален надоместок, за да го стават својот објект во правна рамка, потсети Бочварски.