Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска најави дека околу 10 јуни треба да стигне противпожарната скала за која скопјани платија 1,7 милиони евра.

-Ќе продолжиме да вложуваме во опрема и човечки потенцијал, бидејќи за безбедноста на скопјани и безбедноста на вработените во пожарната се императив, рече Шилегов.

Тој ова го порача денеска по повод Денот на пожарникарството при посетата на Станицата на противпожарната бригада во населбата Автокоманда.

-Јас како градоначалник вложувам многу во човечкиот, но и останатиот инфраструктурен потенцијал на противпожарната бригата. Зголемен е бројот за нови 38 пожарникари. Речиси две години во рамки на противпожарната бригада целосно се обновени униформите што целосно ги заштитува пожарникарите  и специјалните обувки, изјави Шилегов.

Тој најави и дека според последните информации со кои располага, околу 10 јуни треба да пристигне противпожарна скала и дополнителна опрема, која според градоначалникот е најнапредна опрема која противпожарната бригада ја има добиено и општо во историјата на државата.

-Пожарникарите се хероите на нашиот град. Ги надминавме децениските проблеми со кои се соочува тие, зголемени се платите, додатоците, редовно се исплаќа и хранарината. Од материјален аспект тоа што беше проблем кај пожарникарите е надминато, забележуваме и задоволство помеѓу вработените, што не беше случај до пред една година, додаде градоначалникот.

Како што веќе објавивме, за скалата со астрономска цена неодамна реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Со 1,7 милиони евра за Скопје може да се купат две противпожарни возила со скали, а не едно како што направи Шилегов, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ и побараа за овој случај да регарира Јавното обвинителство.

Во соопштението од опозициската партија за скалата на Шилегов беше објавено:

– Скопје пред се има потреба од домаќинско работење, така со 1,7 милиони евра ќе се купат две противпожарни возила со скали, а не едно. Патетични се објаснувањата и правдањата на мрзеливиот градски арамија Шилегов дека градот има потреба од противпожарно возило со скали, да има, ама не по цена двојно поскапа од таа која ја плаќа град Загреб за исто такво возило. Потребата за нешто, не е оправдување за криминал. Се е повеќе од очевидно. Возилото кое го купува Шилегов е 1.723.621 евра, исто такво возило град Загреб купил за 794.052 евра. Нема дополнителна опрема која што ќе чини повеќе од возилото. А уште посмешно е дека град Загреб би набавил неопремено возило, се вели во соопштението.

Разликата, се додава во истото, во набавката од 939.569 евра е огромна.

– И во јавноста со право се поставува прашањето во чии џебови завршила таа, особено ако се земе во предвид дека ј фирмата која го испорачала возилото во Загреб остварила профит од набавката, така доаѓаме до фрапантни бројки. Ова не е предмет само за ДКСК, ова е предмет и за ЈО. Не смее уште едем крупен криминал да заврши со одговорност на некој службеник, одговорност мора да има од врвот. Шилегов не може да се апстрахира од вина. Одговорност мора да има, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.