Принцот Вилијам денеска изјави дека интервјуто на Мартин Башир со неговата мајка, принцезата Дајана, во 1995 година придонело за влошување на односите меѓу неговите родители.
Мартин Башир е обвинет за фалсификување податоци со цел да добие интервју со неа, а мрежата Би-Би-Си ги призна пропустите во овој случај.
-Според мене, начинот на добивање на интервјуто влијаеше на тоа што го кажа мајка ми. Тоа имаше големо влијание врз влошувањето на односите меѓу моите родители и многу други луѓе. Јас сум тажен од фактот дека пропустите на Би-Би-Си придонесоа за нејзиниот страв, параноја и изолација, на кои се сеќавам од последните години поминати со неа, рече принцот Вилијам во видео обраќање.„Доколку Би-Би-Си ги испиташе поплаките во 1995 година, мајка ми ќе знаеше дека е измамена. Не само од новинарите, туку и од управата на Би-Би-Си, кои свртеа глава наместо да поставуваат тешки прашања“, истакна Вилијам.
Истрагата открила дека Би-Би-Си не успеал да ги одржи „високите стандарди на интегритет и транспарентност“ за време на интервјуто на Мартин Башир со принцезата Дајана во 1995 година.Башир се однесувал „превртливо“ и фалсификувал документи со цел да договори интервју со покојната британска принцеза. Би-Би-Си и Башир се извинија, а медиумската куќа испрати писма до нејзините синови – Вилијам и Хари.
Корпорацијата соопшти дека извештајот покажува „очигледни пропусти“, признавајќи дека се потребни повеќе напори за да се утврди што точно се случило тој ден во 1995 година.
Покрај Вилијам и Хари, Би-Би-Си им се извини и на братот на Дајана, но и на принцот Чарлс, нејзиниот поранешен сопруг.
Башир рече дека фалсификувањето документи „бил глупав потег“ и дека искрено жали за тоа. Сепак, тој смета дека овој факт не влијаел на одлуката на Дијана да разговара со него.