На лекување во болниците низ целата земја има 318 лица со КОВИД-19 или сомнителни на вирусот, а на располагање се 574 болнички кревети. Во Скопје има 137 пациенти, а во другите градови 181. Голем дел од нив се на кислородна поддршка, информира Министерството за здравство во дневниот извештај за хоспитализирани.
Бројот на приеми се намалува во изминатите денови, така што болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани пет нови пациенти поради компликации од коронавирусот: по двајца на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“ и еден на Институтот за ТБЦ, а дома биле пуштени двајца оздравени пациенти.
Утрово до 8 часот имало 70 слободни места во главниот град. Како што соопшти Министерството, на Инфективна лежат 68 болни, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 50 и 19 се хоспитализирани на Институтот за ТБЦ.
Според извештаите на болниците во другите градови, во Битола и во Велес болнички се лекуваат по 17 луѓе, во Штип 19, Тетово има пет пациенти, Куманово 34 позитивни и сомнителни на вирусот.
Во Охрид се хоспитализирани 25, во Прилеп 12, двајца во Гостивар, 22 во Струга, 13 во Струмица, по четворица во Кочани и Кавадарци, седум во Кичево, а во Гевгелија нема ковид-пациенти.
Министерството за здравство наведува дека статистиката се менува во текот на денот со новите приеми и исписи на пациенти и дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.