Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со патријархот Порфириј и епископите на Српската православна црква, изјави дека ќе бидат извршени дополнителни притисоци врз Србија по прашањето на Косово и дека Грција ќе ги крева односите со Косово на повисоко ниво, јави дописникот на МИА од Белград.
-Во петокот добив официјално известување дека Грција има намера да ги подобри своите односи со Приштина на повисоко ниво, на ниво на канцеларија, односно на политички директори, што е највисока можна личност до ниво на министер, изјави Вучиќ за ТВ Пинк.
Вучиќ кажа дека ќе ја моли Грција тоа да не се случи, затоа што следниот чекор е признавање на независноста.
Според него, ова е проблем затоа што не само што покажува дека Европа кога станува збор за Косово би можела да биде обединета против интересите на Србија, туку и поради фактот што тоа е во спротивност со меѓународниот правен поредок.
Тој оцени дека постои дополнителна опасност другите земји да бидат под притисок да го сторат истото.
-Потоа, би се одело на билатерални договори, каде некоја трета земја би ја претставувала Приштина во меѓународните организации, со што ќе стане дел од НАТО.
„Ситуацијата е многу тешка за нас. Го повикавме грчкиот амбасадор на разговор, но не презедовме никакви мерки, затоа што веруваме во пријателство и се надеваме дека нема да се оди со понатамошни мерки и приближување, потенцираше Вучиќ.
На прашањето дали добил уверувања дека Грција нема да ја признае независност на Косово, тој кажа дека секој ден добива такви уверувања, но дека фактите покажуваат да тие „го зголемуваат нивото на своите односи“, како што велат, со Косово .
Тој,исто така, кажа дека не станува збор само за една земја, затоа што потоа ќе има притисоци врз други земји кои не ја признале независноста на Косово.
Со патријархот и епикопите на СПЦ посочив на бројни опасности, важни состаноци во наредниот период за прашањето на Косово, нема сомнение дека ќе има притисок врз Србија, додаде тој.
Вучиќ изјави и дека суштината на потегот на косовскиот премиер, Албин Курти е „претстава“ во која тој цело време зборува за културното наследство на Косово и за косовското наследство, а не за српското.
Вучиќ овој коментар го даде по повод писмото што Курти му го испратил на игуменот на манастирот Високи Дечани, отец Сава Јањиќ, во кој му ја презентирал „посветеноста на косовската Влада во заштитата на косовското наследство на сите заедници на Косово“.
На ручекот што го организираше Вучиќ со патријархот Порфириј и епископите на СПЦ присуствуваше и Претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.