Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека повлекувањето на силите на НАТО од Авганистан се одвива успешно.

По претседавањето со виртуелните состаноци на министрите за надворешни работи и одбрана на НАТО, Столтенберг во Брисел изјави дека „повлекувањето на силите напредува на уреден и координиран начин“.

– Безбедноста на нашиот персонал е најважна на секој чекор од процесот, рече Столтенберг.

Тој додаде дека НАТО „ќе го продолжи цивилното дипломатско присуство во Кабул, за да ја советува и поддржува обуката на авганистанските безбедносни служби“. Дипломати на НАТО оваа недела рекоа дека не е јасно кој ќе ги заштити тие странци – цивили или како ќе биде обезбеден меѓународниот аеродром во Кабул, кој е цел на чести талибански напади. Столтенберг рече дека НАТО исто така проучува начини за едукација на авганистанските војници и обука на специјалните сили некаде надвор од таа земја. Тој додаде дека министрите се согласиле дека „континуираната поддршка е најдобриот начин за сите да придонесеме во мировните напори во Авганистан“.

Напуштањето на Авганистан ќе биде на агендата на самитот на НАТО во Брисел на 14 јуни, со кој ќе претседава американскиот претседател Џо Бајден. Ниту еден авганистански лидер нема да присуствува на состанокот.

НАТО помага во обезбедувањето безбедност во Авганистан скоро две децении, но сега верува дека владата и вооружените сили што ги обучила се доволно силни за да можат да работат самостојно, без помош на меѓународни трупи, во земјата која е разорена од конфликти.

НАТО ја презеде безбедноста во Авганистан во 2003 година, две години откако коалицијата предводена од САД ги собори талибанците бидејќи даваа засолниште на поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен. Останаа помалку од 9.000 странски војници, вклучително и 3.500 американски кои треба да заминат до 11 септември.