Најмалку 10 цивили се убиени во две експлозии во западниот дел на авганистанскиот главен град Кабул, соопштија безбедносните власти, пренесе ДПА.
-Други 12 лица се ранети во одделните експлозии што беа насочени кон два минибуса, изјави доцна синоќа портпаролот на полицијата во Кабул, Фердовс Фарамарц.
ДПА пренесува дека засега никој не ја презеде одговорноста за бомбашките напади.
И талибанците и милитантите на Исламската држава редовно изведуваат бомбашки напади во Авганистан, земјата што се соочува со период на голема несигурност по најавата за повлекување на меѓународните сили.
Американскиот претседател Џо Бајден објави дека американските трупи ќе се повлечат до 11 септември 2021 година, со што ќе се стави крај на воената операција што почна пред речиси 20 години, по терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон.
НАТО се согласи да го следи примерот и да ги повлече трупите распоредени од нејзините земји-членки.
Од Авганистан треба да си заминат речиси 10.000 војници на НАТО, од мисијата за обука „Одлучна поддршка“, меѓу кои има и 2.500 американски и околу 1.100 германски воници, двата најголеми контингенти во мисијата.
Откако на 1 мај и официјално почна повлекувањето талибанците ги интензивираа нападите врз провинциските метрополи, области, бази и контролни пунктови. Само во последните неколку недели раселени се десетици илјади Авганистанци, пренесе ДПА.