Перу минува низ бурна година. Земјата смени тројца претседатели од крајот на 2020 година, има највисока смртност од коронавирус во светот и минува низ најтешката економска криза во последните три децении, а утре спроведува претседателски избори, избирајќи помеѓу неолибералка и марксист, посочува Хина.
Перуанските гласачи ќе постават нов правец на државата на утрешните клучни претседателски избори со избор помеѓу неочекуваниот социјалистички кандидат Педро Кастиљо и ќерката на контроверзниот поранешен претседател Алберт Фуџимори – Кеико Фуџимори. Кој и да победи, земјата се соочува со нестабилна и неизвесна иднина, велат аналитичарите.
Гласачите се речиси рамномерно поделени меѓу кандидатите кои имаат сосема различни визии за еден од најголемите светски производители на бакар и неговите 33 милиони жители.
Кастиљо, чија социјалистичка партија Слободен Перу беше силно поддржана од посиромашните рурални региони, има мала предност во однос на конзервативката Фуџимори, која е популарна во главниот град Лима. Гласовите се премногу изедначени за да може да се предвиди конечниот исход, велат експертите.