Словенечкиот претседател Борут Пахор по средбата со европските лидери во Брисел изјави дека до почетокот на претседателството на Словенија со ЕУ на 1 јули, Владата во Љубљана треба да реши два проблеми, поради кои неодамна беше критикувани од домашната и европската јавност.

Едниот проблем е одбивање на Владата на Јанез Јанша да назначи двајца обвинители во новото европско обвинителство, а другиот е буџетско финансирање на словенечката новинска агенција СТА, пренесува Индекс.хр.

– Овие се два проблема што можат да се решат до 1 јули и сметам на разумноста на владата, рече Пахор по состанокот со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли и претседателот на Европскиот совет Шарлс Мишел.

Јанша со месеци беше критикуван од новинарите во земјата и меѓународните здруженија на новинари за вербалните напади кон новинарите и притисокот врз јавната телевизија и СТА.

Овие постапки предизвикаа негативни проценки од страна на некои европски претставници и меѓународни институции.

Во последниот извештај на Советот на Европа за состојбата со слободата на медиумите, комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ рече дека можностите за слобода на медиуми и изразување во Словенија се влошуваат и дека мерките на словенечката влада можат да ја нарушат независноста, кредибилитетот и финансиската стабилност на сервисите како што се СТА и јавната.телевизија.

Пахор рече дека очекува Владата наскоро да обезбеди стабилно финансирање на националната новинска агенција СТА и да го забрза процесот на назначување обвинители.

– Земја која претседава со Европската унија тешко може да најде изговор зошто не го направила тоа во период кога мора да биде пример за членките на Унијата и во други области, рече Пахор.